Мотивационо- едукативен локален семинар
МЕЛС (Мотивационо- едукативен локален семинар) за прв пат е организиран во 2011 година од Црвен крст Прилеп. Првичната замисла за организирање на семинарот беше надградба на волонтерските капацитети во Црвен крст Прилеп, и мотивација на волонтерите. Гледајќи ги позитивните резултати кои ги покажа овој семинар, тој стана традиционален и се одржува секоја година, со што претставува вистинска награда за волонтирањето на сите волонтери кои се во Црвен крст Прилеп.
МЕЛС 2013 се организираше во с.Прилепец во манастирот Св.Никола, каде што комплексот располага со соби за спиење и сала каде што непречено може да се одвиваат едукациите планирани согласно со исполнување на едукативната компонента која ја содржи овој семинар. На овој семинар учествуваа 26 учесници- волонтери во Црвениот крст. Оваа година семинарот доби и регионален карактер така што учествуваа 2 волонтери од Црвен крст Велес и 5 учесници од Општинската организација на Црвен крст Крушево. Целта на семинарот оваа година беше унапредување на волонтерската работа со надградба на волонтерските капацитети во општинските организации, мотивирање на волонтерите и регионална соработка помеѓу општинските организации. На овој семинар беа опфатени важни теми кои претставуваат предизвици во хуманитарната работа и се од големо значење за развојот на самите волонтери. Учесниците се здобија со пошироки познавања од областа на волонтерски менаџмент, емоционална интелегенција, тимска работа и ефикасно раководење на тим. Со оглед на тоа дека нашата организација се бави со хуманитарни активности, учесниците се запознаа повеќе со процесот на fund raising или прибирање на средства. Ова беа елементите на едукативниот дел на семинарот, додека забавниот дел кој служи за мотивација на волонтерите беше составен од најразлични игри за тимска работа, комуникациски вештини, игри за вмрежување и подобро запознавање на учесниците. Исто така слободното време се користеше за спорт и спортски активности кои овозможија неформално дружење помеѓу волонтерите
Со исполнување на целите на семинарот и позитивниот фидбек на учесниците, МЕЛС 2013 заврши успешно и претставува големо организациско искуство за понатамошно организирање на истиот. Црвен крст Прилеп продолжува да става акцент на унапредување на волонтерството и зајакнување на регионалната соработка со другите општински организации а овој семинар е само еден чекор во насока на остварување на овие заложби на самата општинска организација.