17 Tetor, 2013

Реализирана работилница за едукација на едукатори за туберкулоза во рамки на проектот ДОТС интервенции во РМ подржан од глобалниот фонд

image001 (2)Во периодот од 14 – 16  октомври 2013 година, во едукативниот центар за кадри „Солферино“  во Струга беше реализирана работилница за обука на едукатори за туберкулоза во рамки на проектот ДОТС интервенции во Р. Македонија финансиски подржан со грант за туберкулоза од Глобалниот Фонд за СИДА, туберкулоза и маларија. Црвениот крст на Република Македонија (ЦКРМ) овој проект го спроведува изминатите неколку години со цел да допринесе во одржување на контролата на туберкулоза во нашата земја.

Целта на работилницата беше учесниците, претставници од општинските организации на Црвениот крст да добијат стручни познавања во однос на туберкулозата, да се запознаат, да ги подобрат своите комуникациски вештини, работата во тимот, личната подготовка, како и подобрување на самодовербата  за комуникацијата со различни групи на лица. Исто така преку обука и методологија да стекнат вештини за презентирање на здравствените совети и препораки, како и  начинот на известување за реализираните активности во рамки на проектот за кои ќе бидат задолжени во идниот период. Работилницата беше реализирана во соработка со Институтот за туберкулоза и белодробни заболувања, чиј претставник д-р Маја Закова беше задолжена за запознавање и пренесување на информациите на учесниците во однос на стручниот дел на туберкулозата, додека за останатите теми се погрижија проф. д-р Сунчица Димитријоска од Институт за социјална работа и социјална политика и д-р Анета Тргачевска од Црвениот крст на Република Македонија. Обучените едукатори во наредниот период со подршка на стручните лица од ЦКРМ ќе бидат задолжени за реализација на  активности на превенција од туберкулозата кај ризични групи на население во рамки на своите општински организации

< kthehu mbrapa