СВЕТСКИ ДЕН НА ГЛАДТА
По повод 16-ти октомври светскиот ден на глата, популарно наречен и ден на борба против гладот, истиот ден Претседателот на Црвен крст Милчо Трајков и Градоначалникот на општина Велес Славчо Чадиев одржаа прес конференција. Во својата изјава претседателот Трајков ги информираше новинарите за текот на подготовките и активностите што ќе се организираат во наредните денови со цел да се сврти вниманието на јавноста кон лицата кои имаат тешкотии со редовно обезбедување храна за своите семејства. Истовремено ги навести и акциите за собирање доброволни парични прилози и храна и ја повика јавноста за нивна поддршка.
Градоначалникот Чадиев, нагласувајќи ја добрата соработка со Црвениот крст и со Регионалниот Центар за социјална работа од Велес, преку која доаѓаат до израз постојаните заложби на Локалната самоуправа за социјално згрижување на ранливото население, исто така ги повика граѓаните и правните субјекти за поддршка на кампањата и му врачи на Претседателот на Црвениот крст чек од 20.000,00 денари за набавка на храна за десет семејства. Во понатамошниот тек од пресот новинарите беа информирани дека од преостанатите средства од минатогодишната кампања во почетокот на ноември ќе бидат поделени прехрамбени производи на 56 семејства чиј избор ќе биде извршен во основните организации на црвениот крст во основните и средните училишта од каде најмногу се собираат паричните прилози.