Традиционална крводарителска акција во соработка со Тоше фан форум клубот
Црвениот крст на град Скопје во соработка со Тоше фан форум клубот ја реализираше традиционалната крводарителска акција во спомен на големиот хуманист Тоше Проески и неговиот последен концерт одржан во Скопје.
Крводарителската акција се одвиваше во холот на Дом на АРМ на 05.10.2013 година во периодот од 09:00-18:00 часот. На истата се евидентираа 243 крводарители од кои220 даруваа крв.
Традицијата за одржување на крводарителски акции во спомен на Тоше Проески започна во 2010 година и од тогаш двапати во годината (октомври и јануари) истите се реализираат во негова чест. На овие 8 акции, својата хуманост преку чинот на дарување крв ја покажале 2 034 крводарители. Посебно радува фактот што најголем дел од нив се млади личности кои го следат хуманото дело на Тоше Проески и се позитивен пример во нашето опкружување.
Крводарителската акција ја посетија и новите членови на клуб 25 кои на истиот ден имаа обука за млади мотиватори во крводарителството која се реализираше во ДХО Даре Џамбаз. Обуката е дел од проектот за промоција на крводарителството кај младата популација поддржан од првата приватна општа болница Ре-медика.