23 Shtator, 2013

Успешна реализација на 22-тиот Државен натпревар по прва помош

Drzaven natprevar po prva pomos 2013-43Црвениот крст на Република Македонија на 20 и 21. 09. 2013 година во Струга  под мотото „Првата помош и безбедноста на патиштата“ го организираше XXII Државен натпревар по прва помош. Првото место им припадна на енергичните и одлично подготвените волонтери од екипата на ООЦК Кисела Вода,  второто место и припадна на екипата на ООЦК Охрид додека пехарот за третото место замина во рацете на екипата на ООЦК Карпош. Во категоријата на дисеминација, која исто така имаше натпреварувачки карактер првото место го освои ООЦК Пробиштип.

За време на свечениот дел на отворањето на натпреварот волонтерите беа поздравени од страна на  Градоначалникот на Општина Струга г-дин Зиадин Села  и од Претседателот на Црвениот Крст на РМ д-р Милчо Трајков, додека  Генералниот секретар на Црвениот крст на РМ г-дин Саит Саити и Секретарот на Црвен крст Абдуриме Даути им се обратија на присутните на затворањето на натпреварот, а потоа следуваше и официјално прогласување на победниците кои ги објави Претседателот на Организациониот одбор на Државниот натпревар на Црвен крст на РМ д-р Огнен Костовски.

На натпреварот учествуваа 24 екипи од општинските организации на Црвениот крст на РМ од категорија младина. Натпреварувањето се реализираше на две траектории за натпреварување А и Б, составени од по 7 работни места, од кои 4 од областа на првата помош, 2 имаа забавен карактер и 1 претставуваше тест од областа на дисеминацијата.

На свечениот дел на крајот од натпреварот свој настап имаа танчерите од Модерното студио за музички балет „Бах“ и Културно уметничкото друштво „КУД Илинден“ од Струга.

Државниот натпревар по прва помош согласно програмата се одржа во два дена, при што во кругот на Центарот „Солферино“ во Струга беше подигната шаторска населба во која беа сместени сите учесници и водичи на екипите на општинските организации на Црвен крст.

Им благодариме на сите кои неуморно ги покажаа своите одлични способности за укажување на прва помош, а посебна благодарност им изразуваме на општинските организации на Црвен крст Охрид и Струга кои дадоа голем допринос за успешното одржување на 22-тиот Државен натпревар по прва помош.

Tags:
< kthehu mbrapa