1 октомври – Меѓународен ден на старите лица
Црвениот крст на Република Северна Македонија и оваа година се вклучува во одбележување на 1 октомври – Меѓународен ден на старите лица, кoj е назначен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации на 14 декември 1990 година, за да се охрабруваат земјите да привлечат внимание и да ги оспорат негативните стереотипи и заблуди за постарите лица и стареењето и да им овозможат на постарите лица да го реализираат својот потенцијал.
Tемата на глобално ниво определена од страна на ОН за одбележување на Меѓунардониот ден на старите лица за 2023 година е „Исполнување на ветувањата од Универзалната декларација за човекови права за постарите лица: низ генерации“ и има за цел:
– Да се зголеми глобалното знаење и свест за Универзалната декларација за човекови права и да се генерираат заложби меѓу сите засегнати страни за зајакнување на заштитата на човековите права на сегашните и идните генерации постари лица ширум светот;
– Да се споделува и учи од меѓугенерациските модели за заштита на човековите права ширум светот;
– Да се повикаат владите и ентитетите на ОН да ги преиспитаат нивните тековни практики со цел подобро да го интегрираат пристапот од животниот тек на човековите права во нивната работа и да обезбедат активно и значајно учество на сите засегнати страни, вклучително здруженијата на граѓани, и самите постари лица во работата за зајакнување на солидарноста меѓу генерациите и меѓугенерациските партнерства.
Овие глобални цели се дел од политиките на нашата држава кои се усогласени и со Мадридскиот меѓународен акционен план за стареење. Црвениот крст на РСМ активно се вклучува и дава придонес во севкупните напори кои ги преземаат надлежните институции во остварување на правата, неопходната грижа и заштита на старите лица во земјата. За таа цел по повод одбележување на 1 октомври, Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст ќе организираат активности поврзани со глобалните цели – информативни работилници за правата на старите лица, едукативни работилници на теми од интерес на постарите граѓани, креативни работилници со постарите лица, како и други активности наменети за активно и здраво стареење.