Ми причинува посебно задоволство што можам да ве поздравам од името на Црвениот крст на РСМ на денот кога го одбележуваме формирањето на нашето национално друштво и Денот на крводарителството во Република Северна Македонија. Одбележувањата се секогаш важни затоа што ни даваат можност да се осврнеме на изминатиот период со цел да ги надградиме постигнувањата од минатото. Драго ни е што денес можеме со сигурност да кажеме дека успешно продолжуваме ја спроведуваме нашата хумана мисија и заедно со нашите волонтери продолжуваме да обезбедуваме многу сервисни услуги за нашите сограѓани во заедниците каде живеат. Исто така, како резултат на хуманоста на граѓаните на нашата земја секогаш се обидуваме да дадеме наш скромен придонес и да ги обединиме хуманитарните напори за подобрување на добросостојбата на луѓето кои се нашле во неволја како резултат на природни катастрофи и миграции и во земјите во соседството и во светот.
Како организација, постојано инвестираме во модернизирање на нашата работа и зајакнување на нашата мрежа на волонтери и поддржувачи. На наше големо задоволство и пред се како резултат на нашата работа и позитивни резултати, во континуитет ја уживаме довербата на нашите партнери што ни овозможува постојано да бидеме иновативни и да се надградуваме, да го шириме опсегот на нашите услуги со цел да одговориме на сите модерни предизвици со кои се соочуваат нашите сограѓани. Посебно сме горди што веќе 78 години Црвениот крст останува едно од оние катчиња во нашето општество во кое и младите и повозрасните се идентификуваат со нашите принципи, вредности и хуманитарна мисија и придонесуваат сите ние заедно да дадеме позитивен придонес во нашето опкружување, овозможувајќи им на луѓето подостоинствен живот.
Дозволете ми исто така да го ја искористам оваа можност да упатам голема благодарност на нашите крводарители кои имаат посебно место во нашата организација и не прават исклучително горди затоа што во континуитет остваруваме одлични резултати на полето на крводарувањето. Благодарност и честитки до нашите партнери – Институтот за Трансфузиона Медицина и Министерството за здравство за одличната соработка и меѓусебна поддршка која ни овозможува сите ние да бидеме горди со остварувањата и резултатите во крводарителството во нашата земја и непреченото функционирање на здравствените институции преку континуирано обезбедување на потребните количини на крв и крвни продукти.
Исто така би сакал да упатам честитки и благодарност до нашите општински организации на Црвен крст и Црвен крст на град Скопје за остварените резултати и посебната грижа која ја посветуваат на негување и промовирање на доброволното крводарителство во Република Северна Македонија. Нашите резултати на полето на крводарувањето не мотивираат да продолжиме да ги негуваме хуманите вредности и да ја поттикнуваме националната свесност за важноста на крвта и доброволното крводарувањето и солидарноста преку правилна и насочена здравствено-воспитни и мотивациски активности.
Хуманоста и солидарноста имаат многу форми и лица и тие никогаш не се завршена приказна. Тие се предизвик постојано да ги негуваме, да се трудиме да бидеме подобри и почовечни. Ве поканувам сите заедно да дадеме наш придонес во градење на похумано општество во кое достоинството, здравјето и добросостојбата на нашите сограѓаните ќе бидат најважни од се.
Ви благодарам на вниманието.