ноември 4, 2024

Почитувани учесници на Балканскиот Самит,

 

Ми причинува посебна чест и задоволство да Ве поздравам од името на Црвениот крст на Република Северна Македонија и да се заблагодарам за поканата да се обратам на овој реномиран настан. Особено ми е драго што денес зборуваме за иновативноста, за позитивни промени кои инспирираат решенија за подобра иднина на луѓето. Живееме и работиме во ера на глобализација, дигитализација и краткорочни мегатрендови, но едно е сигурно – потребата за иновации ќе биде константна!

За нас во Црвениот крст, иновацијата претставува многу повеќе отколку само што е само еден современ термин. Таа претставува можност за надградба на нашата 150-годишна традиција на работа, речиси секогаш во комплексни опкружувања. Ни помага подобро да ги разбереме ризиците, да го унапредиме процесот на учење и споделување, да поттикнуваме подобрување на перформансите во работењето и да се трансформираме во чекор со современите текови во општеството.

Користејќи ги иновативните пристапи очекуваме да се разликуваме од останатите. Учиме од искуствата; промовираме креативност, дизајнираме нови производи и услуги водејќи се од идеите на припадниците на нашата организација со што стигнуваме до поголем број на луѓе кои имаат потреба од нас.

Во ера на брз технолошки напредок, истовремено се соочуваме со многу предизвици во светот. Од климатски промени до сиромаштија, од здравствени кризи до катастрофи, војни и миграции. Во нашата организација во иновативните достигнувања гледаме голем сојузник во создавањето на трајни промени, промени кои значат подобар живот за нашите корисници на услуги.

Неодамна Црвениот крст на РСМ започна процес на промени наречен Трансформација 28 кој треба да финишира во 2028 година, и има за цел да ни помогне да согледаме како да ја менуваме и прилагодиме нашата работа за да одговориме на континуираната динамика во надворешното опкружување. Во рамките на овој процес иницираме организациски, програмски, културолошки промени, со посебен акцент на дигитализацијата и вештачката интелегенција како катализатори на развојот и прилагодување кон светот кој брзо се менува.

Веќе години наназад во нашето работење инкорпорираме мобилни апликации за олеснување на комуникацијата и испораката на услуги особено на полето на првата помош, мобилизирање на волонтери и обезбедување услуги за различни целни групи. Првата помош спасува животи и важно е таа да биде достапна за сите, а обврска наша е тоа да го овозможиме.

На тој начин придонесуваме не само во спасување животи, туку и за обезбедување на поддршка и пристап на заедниците до клучни информации за заштита на здравјето и добросостојбата на луѓето.

Се повеќе ја инкорпорираме вештачката интелигенција при анализа на податоци со цел да ги трансформираме начините на кои реагираме на кризи. Овие сознанија ни помагаат да предвидиме кои подрачја се подложни на катастрофи, како и да ја подобриме подготвеноста и одговорот во случај на катастрофи, со цел да се осигуриме помошта да стигне побрзо до оние луѓе на кои таа им е најпотребна.

Во текот на оваа година обезбедивме специјализирано возило, прво од таков вид во државата, кое овозможува координација, сателитска комуникација, метеоролошка и теренска анализа, обработка на податоци, снимање на терен со дрон со инфраред камера и озвучување, радио станица поврзана во ТЕТРА систем, мобилна камера со агол од 360 степени и други поволности. Ова возило претставува мобилен оперативен центар на Црвениот крст кој овозможува носење на брзи и ефикасни одлуки за делување во кризни состојби.

На тој начин даваме придонес во подобрување на перформансите на кризниот менаџмент во државата со крајна придобивка и бенефит за луѓето.

Најуспештните иновации во хуманитарното дејствување се оние кои обединуваат различни чинители — владите, граѓанскиот сектор, бизнисите и локалните заедници. Затоа сметам дека еден од суштинските аспекти е да поттикнуваме партнерства, за да ги искористиме силните страни и капацитети на секој од нас за да овозможиме сеопфатни решенија за сложени проблеми.

Амбициите ги дефинираме во правец на преземање на поголеми улоги и одговорности во нашата дражва, регионот и пошироко, со цел да го направиме светот подобро место за живеење за сите.

На крајот, сепак сите ние мора да се сложиме дека иновациите не се само технолошки промени; тие се промена на нашиот менталитет — обврска да бараме нови решенија за постојните предизвици за унапредување на добросостојбата на нашите заедници со што ќе направиме повеќе, ќе го направиме тоа подобро и ќе стигнеме подалеку.

 

Ви благодарам!

< врати се назад