Почитуван г-дин Панче Тошковски, Министер за внатрешни работи,
Почитуван г-дин Љупчо Димовски, Заменик Претседател на Владата и Министер за политички систем,
Почитувани пратеници, претставници на државни институции, универзитети, претставници на меѓународни агенции и организации,
Почитуван г-дин Габриеле Андреоли, Претседател на Институтот за напредни студии и соработка од Ватикан,
Почитувани гости и медиуми,
Ми причинува посебна чест и задоволство да ве поздравам во името на Црвениот крст на овој настан кој се организира под покровителство на Министерот за внатрешни работи, г.Панче Тошковски, и има за цел да ја претстави нашата платформа за соработка со државните чинители и да понуди идеи за реализација на наши взаемни заложби.
Црвениот крст како помагател на институциите во државата, согласно со својата мисија и мандат, преку својата хуманитарна работа во континуитет дава посебен придонес во справување со различни предизвици за подобрување на добросостојбата на граѓаните, особено на полето на обезбедување одговор на итни состојби.
Дел од овие услуги Црвениот крст ги обезбедува самостојно и во целост, дел со овластување и во име на државата, а одредени услуги претставуваат комплементарен придонес и поддршка на напорите на државните институции и други организации.
Денес, на наше големо задоволство, промовираме платформа која ги афирмира добрите практики, знаења и искуства на Црвениот крст во обезбедување на услуги при итни состојби и мирновременски услови.
Но уште позначајно е што овој документ во преден план ги промовира компаративните предности и компетенции на работата на Црвениот крст во случај на итни состојби.
Преку оваа платформа упатуваме покана за унапредување на нашето партнерство со државните институции особено во неколку клучни области. Во претстојниот период ќе работиме на склучување на посебни договори со властите во државата кои ќе ги доуредат обврските и овластувањата на Црвениот крст во поуспешувањето на системот за кризен менаџмент.
Се залагаме за формирање на тело за соработка со пратениците од Собранието со цел промовирање и донесување на законски решенија кои ќе значат создавање на подобар амбиент за хуманитарна работа во државата.
Посебно сме заинтересирани за градење на сеопфатен систем во државата за организација, координација и мобилизирање на хуманитарна помош во национални и меѓународни рамки.
Убедени сме дека волонтерскиот потенцијал кој го поседуваме претставува значаен предуслов за градење на поефикасен систем за справување со итни состојби.
Користејќи ја волонтерската мрежа, создадовме единица и тимови за одговор при катастрофи како што се: национален интервентен тим за одговор при катастрофи, национални тимови за прва помош и психо-социјална поддршка и Тим – Македонија, составен од граѓани/волонтери кои помагаат при итни состојби. Овие тимови во иднина би играле важна улога во обликувањето на структурата на идниот национален систем за кризен менаџмент.
Исто така ќе продолжиме да инвестираме во негување на партнерства каде хуманитарната дипломатија ќе ни биде средство за адвокативност за реализација на целите на платформата како и заштита на добросостојбата и дигнитетот на луѓето на кои им се загрозени основните човекови права и слободи.
Почитувани,
Во пресрет на големиот јубилеј – 80 години Црвен крст, горди сме на нашето минато. Секогаш бевме таму каде што беше потребно. Но, оваа привилегија ја должиме на генерациите волонтери и вработени кои низ годините се вградија во нашата организација, на граѓаните, на нашите партнери и поддржувачи, а посебно ни значеше поддршката на институциите, Владата и Собранието. Почитувани присутни пратеници и министри, Ви благодариме за тоа.
А во сегашноста, обврска наша е да ја подготвиме организацијата за идните генерации. Користиме иновативни пристапи, учиме од искуствата, дизајнираме нови производи и услуги, и се трансформираме во чекор со современите текови на општеството.
Неодамна започнавме процес на промени наречен „Трансформација 28“ кој има за цел да ни помогне да ја прилагодиме нашата работа за да одговориме на динамиката во надворешното опкружување со посебен акцент на дигитализацијата и вештачката интелигенција како катализатори на развојот.
Притоа, амбициите ги дефинираме во правец на превземање поголеми улоги и одговорности со цел заедно да ја направиме државата подобро место за живеење.
БЛАГОДАРАМ