јуни 7, 2018

41 ГОДИНА ОД ДОНЕСУВАЊЕ НА ДВАТА ДОПОЛНИТЕЛНИ ПРОТОКОЛИ

ДОПОЛНИТЕЛНИ ПРОТОКОЛИ ОД 8 ЈУНИ 1977 КОН ЖЕНЕВСКИТЕ КОНВЕНЦИИ ОД 12 АВГУСТ 1949 

Меѓународното хуманитарно право (МХП) претставува збирка на правила кои имаат за цел од хуманитарни причини, да ги ограничат ефектите од вооружениот судир. МХП ги штити лицата кои не се или повеќе не се учесници во воените дејства и ги ограничува средствата и методите на војување.

МХП се применува единствено во ситуации на меѓународни и немеѓународни вооружени судири.

Четирите Женевски конвенции од 12 август од 1949 година и двата Дополнителни протоколи од 8 јуни од 1977 година се главните извори на МХП.

Тесната врска помеѓу помеѓу Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина и Женевските конвенции, кои мнозина ги нарекуваат и Конвенции на Црвениот , настанала поради тоа што во Конвенциите нашол примена основниот принцип на Црвениот крст – хуманоста.

Секоја од четирите Конвенции се однесува на одредена тема и категорија на заштитени лица.

Првата Женевска конвенција се однесува на Подобрување на положбата на ранетите и болните во вооружените сили во војната и содржи правила за заштита на болните и ранетите на завојуваните страни и одредени други групации, медицинските мисии на вооружените сили и националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина или други волонтерски хуманитарни организации за обезбедување на помош кои се признати од нивните влади за да земат учество на теренот за време на вооружениот судир.

Втората Женевска конвенција се однесува на Подобрување на положбата на ранетите, болните и бродоломците на поморските вооружени сили и содржи правила за заштита на болните и ранетите бродоломци припадници на завојуваните страни и одредени други групи, воени болнички бродови и нивниот персонал и екипаж, болничките бродови кои ги користат националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина или приватни лица кои се признати од нивните влади за да земат учество во активностите за време на вооружениот судир на море.

Третата Женевска конвенција се однесува на постапување со воените заробеници и содржи правила за заштита на воените затвореници.

Четвртата Женевска конвенција се однесува на Заштитата на цивилните лица за време на војна и содржи правила за заштита на цивилното население за време на војна. Најголем дел од Конвенцијата се однесува на цивили кои се во рацете на непријателот, главно цивили на непријателска територија или цивили кои се нашле на окупирана територија.

Првиот Дополнителен Протокол кон Женевските Конвенции кој се однесува на жртвите на меѓународни вооружени судири ја елаборира и проширува заштитата утврдена со Конвенциите при меѓународни судири.

За прв пат во еден меѓународен договор експлицитно е назначено дека цивилите не смеат директно да се напаѓаат. Содржи одредби за цивилни медицински мисии и за болни и ранети лица, цивилна одбрана, основни судски гаранции, и правила за однесување при непријателски дејства.

Вториот Дополнителен Протокол кон Женевските Конвенции кој се однесува на заштитата на жртвите во немеѓународни вооружени судири понатаму ја елаборира и проширува заштитата утврдена според Заедничкиот член 3 од Женевските конвенции за немеѓународни вооружени судири. Овој член е наречен мини конвенција затоа што во еден член е утврдена минималната заштита на жртвите од немеѓународни вооружени судири. Овој член не опфаќа внатрешни тензии или немири како што се изолирани дела на насилство, бандитизам, неорганизирани и краткотрајни побуни или терористички активности.

Современите војни резултираат со зголемен број на жртви кај цивилното население и денес немеѓународните вооружени судири го сочинуваат поголемиот дел од вооружените судири.

Вториот Дополнителен протокол се применува при сите вооружени судири кои се случуваат на територијата на една држава која го има потпишано Протоколот меѓу државните вооружени сили и дисидендски вооружени сили или други организирани вооружени групи, кога:

  • се наоѓаат под одговорна команда;
  • имаат контрола врз дел од државната територија што им овозможува да се спроведуваат постојани и сконцентрирани воени операции и да го имплементираат Протоколот.

Овој Протокол не се применува во ситуации на внатрешни немири, и тензии, како што се побуни, изолирани и спорадични дела на насилство и други дела од слична природа.

Според Меѓународното хуманитарно право државите потписнички имаат обврски во мирнодопско време но и во војна да ги дисеминираат Конвенциите и нивните Протоколи. Искуствата покажуваат дека МХП ќе се почитува единствено во војна ако со него добро се запознати во мирнодопско време. Хуманитарните актери може да одиграат непроценлива важна улога преку поддржување на владините напори на овој план или преку контролирање и потсетување на владите за нивните обврски.

Конвенциите и нивните Протоколи мора целосно да бидат инкорпорирани во националните закони, за да може да бидат применети од страна на домашните законски инструменти. Во некои држави, меѓународните законски обврски по автоматизам стануваат дел од домашните закони, а во други држави потребна е експлицитна домашна законска регулатива за таа цел. Посебно мора да се усвојат законски решенија за спречување на злоупотреба на амблемот и да се осигури извршителите на грубо прекршување на МХП да бидат изведени пред лицето на правдата.

Владата на Република Македонија на 25 август 1993 година ги прифати Женевските конвенции и Дополнителните Протоколи.

Црвен крст на Република Македонија е  седиште на Националниот комитет за Mеѓународно хуманитарно право , формиран со Заклучок и Одлука на Владата на РМ, во чиј состав членуваат  претставници на министерствата  за надворешни работи, одбрана, правда, образование и култура, здравство, финансии, труд и социјална политика, внатрешни работи и Генералниот секретаријат на Владата и Црвен крст на РМ.

  Националниот комитет разгледува прашања од неговиот делокруг а се однесуваат на: хармонизација на националното законодавство со меѓународното хуманитарно право; ефективна имплементација на МХП преку преземање и следење на практични мерки и активности; следење на развојот на МХП и негова дисеминација во различни сегменти на општествениот живот; унапредување на соработката и координација меѓу надлежните институции вклучително и соработката со Црвениот крст на РМ, во насока на идентификување на активностите кои произлегуваат од областа на МХП и законските обврски.  

Црвен крст на Република Македонија ја развива програмата за дисеминација на МХП и согласно одредби од Законот за Црвениот крст на Република Македонија има обврска да го запознава  населението со Женевските конвенции и Дополнителните протоколи како и да врши задачи предвидени во Законот.

Ова мини дисеминирање на МХП е во знак на одбележување на 41 година од донесување на Дополнителните протоколи од 1977 година кон Женевските конвенции од 1949 година..

< врати се назад