април 1, 2019

Едукативна работилница во рамки на Проектот „Подобрување на социјализацијата на деца и млади со посебни потреби“

Од 29 до 31 март 2019 година во Центарот „Солферино“ во Струга, се одржа едукативна работилница во рамки на Проектот „Подобрување на социјализацијата на  деца и млади со посебни потреби“, поддржан од Комерцијална банка АД Скопје. На работилницата  учествуваа 30 претставници, нови волонтери од општинските организации на Црвен крст, Велес, Кичево, Гостивар, Дебар, Делчево, Прилеп, Кавадарци и Црвен крст на град Скопје, координаторите од ООЦК Кавадарци и Црвен крст на град Скопје, претседателот на Комисијата за социјално – хуманитарна дејност Димитар Каракулев, претставник на ЈУ Завод за социјални дејности Скопје Весна Самојловска, како едукатор, како и претставници на стручната служба на Црвен крст на РМ. Целта на работилницата беше да се зајакнат капацитетите на волонтерите на Црвениот крст  за  поддршка на децата и младите со попреченост.

На работилницата беа претставени локалните планови за акција и буџетите изготвени од осумте организации на Црвен крст за реализирање на активностите во рамки на проектот за подобрување на социјализацијата на децата од дневните центри и децата во згрижувачки семејства. Исто така беа претставени и искуства од измината година во општина Кавадарци и Скопје, со што  присутните  имаа можност да се запознаат со активностите, да разменат идеи и предлози и да размислуваат за слични активности во рамки на своите општини, како позитивно искуство. На работилницата беа дадени дополнителни насоки и предлози за успешна реализација на планираните активности.

Согласно програмата, беа обработени следните теми:

-Права на лицата со попреченост (Конвенција за правата  на лицата со инвалидност;

-Комуникација   со лица со попреченост;

-Промовирање на еднаквоста и почитување на различноста кај луѓето;

-Тим и тимска работа.

 

На работилницата учесниците имаа можност за активно учество и споделување на лични искуства, вредности и  размислувања за презентираните теми, покажаа висока мотивираност и  интерес за учење и надградување на  сопствените капацитети и посветеност кон волонтерската работа со децата со посебни потреби. Учесниците искажаа задоволство од презентираните теми и целосно исполнување на очекувањата: стекнување нови знаења за лицата со попреченост, подобрување на комуникациските вештини и подготвеност за волонтерска работа со лица со попреченост.

 

< врати се назад