август 19, 2024

Министерот за здравство Д-р Арбен Таравари во посета на Црвен крст

Министерот за здравство Д-р Арбен Таравари, денес на 19 август 2024 година, го посети Црвениот крст на РСМ. Министерот беше примен од страна на Генералниот секретар, д-р Саит Саити кој ја истакна досегашната плодна соработка со Министерството за здравство во насока на градење на здрави и безбедни заедници за живеење. Црвениот крст и во иднина останува сериозен партнер на Министерството во унапредување на здравствената превенција на населението, подобрување на менталното здравје и добросостојбата на населението, градење на отпорност на населението од здравствени ризици, како и подготвеност на заедниците за справување со последиците од кризни и итни состојби.

На Министерот за здравство Д-р Таравари му беа претставени услугите кои Црвениот крст ги спроведува за помош и поддршка на граѓаните како што се: итно копче, помош и нега во домот и  посебен превоз за стари лица и лица со попреченост. Преку линковско поврзување беа проследени активностите кои се спроведуваат во Центарот за дарување крв, Центарот за обука по прва помош и Нега центарот.

Министерот истакна дека Црвениот крст е значаен партнер на владата и се радува на можноста за продлабочување на меѓусебната соработката при справување со идни предизвици во државата.

По повод Светски ден на хуманоста 19-ти август, денешниот ден беше убава можност пред министерството за здравство да го претставиме делувањето на Црвениот крст преку услугите, сервисите и активностите за заштита и промоција на здравјето на населението во справување со здравствените ризици.

 

< врати се назад