Недела на борба против трговија со луѓе
Црвениот крст на Република Македонија како член на Секретаријатот на Националната Комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, дава активен придонес во борбата против трговијата со луѓе – кој претставува глобален проблем и се рефлектира и во Македонија.
Во таа насока Црвениот крст на Република Македонија и оваа година од 2 до 9 декември се вклучува во одбележување на Неделата на борба против трговија со луѓе со организирање на превентивни активности преку Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Охрид, Прилеп, Ресен, Струга, Свети Николе, Македонски Брод, Велес, Крушево, Дебар и Валандово. Општинската организација на Црвен крст Центар ќе организира обука за врсничка едукација на млади, кои по едукацијата ќе бидат ангажирани да одржат превентивни лекции во средните и основните училишта на територија на општина Центар.
По овој повод ќе се организираат вкупно 25 работилници за врсничка едукација на млади во основни и средни училишта, како и со волонтерите во Клубовите на млади на Црвениот крст. Со превентивните активности ќе се опфатат вкупно над 620 ученици. Превентивните лекции имаат за цел подигање на свеста на младите, препознавање на начините преку кои младите можат да бидат вовлечени во трговијата со луѓе и нивна самозаштита.