април 15, 2019

Недела на солидарност 15 – 21 април 2019

На 15 април 2019 година Црвениот крст на Република Македонија во соработка со Здружението„Сите сити“ одржа прес конференција по повод Недела на солидарност под мото „Вашиот прилог – значајна помош“ со цел подигање на свеста на населението за потребната меѓусебна поддршка и помош  за ранливото население.

На пресот се обрати Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија д-р Саит Саити и претседателот на Здружението „Сите сити“ Блаже Јосифовски.

Д-р Саити информираше дека во рамките на „Неделата на солидарност“ се организира Собирна акција за помош во: храна, облека, обувки, средства за хигиена, како и парични средства. Акцијата се спровува преку Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвениот крст во Македонија. Во акцијата заинтересираните граѓани и правни субјекти можат да донираат преку повик на мобилните телефонски броеви – донација од 100,00 денари: 070/075/077 143 400 и уплата на средства на сметката на Фондот на солидарност на Црвениот крст на Република Македонија: 300000001327966 АД Комерцијална банка, ДБ 4030984271620

Во период од 15 до 21 април се организира и хуманитарна акција  „Од куќа до куќа“ за обезбедување на донација во парични прилози. Во акцијата се ангажирани волонтери  на општинските организации на Црвен крст во Македонија кои ќе направат посети на 15.000 семејства во нивните домови, како можни донатори и поддржувачи на хуманитарната акција. На секое семејство ќе му биде врачен флаер со информации за акцијата и плико во кое можат граѓаните да го забележат износот  на својата донација, според нивната желба и можност.

Собраната помош, како и донираните парични средства со кои ќе се обезбеди  храна, ќе биде наменета за помош  на семејства соочени со одреден социјален ризик.

 

< врати се назад