декември 30, 2021

Новогодишно обраќање на Генералниот секретар на Црвен крст на РСМ

Почитувани граѓани, волонтери, корисници, пријатели и медиуми,

Би сакал да Ви се обратам и во неколку реченици да ја искажам нашата благодарност за постигнувањата кои ја одбележаа годинава која полека изминува, и истовремено да Ве повикам да во следната влеземе со уште поголема поддршка, поголеми амбиции,  и подготвени за навремен одговор на хуманитарни предизвици на населението.

Пред се би сакал да искажам посебна благодарност до волонтерите и членовите на Црвениот крст. Среќни сме што годинава над 2.500 активни волонтери и 20.000 членови го препознаа Црвениот крст како место кое може да им даде дополнително значење во нивниот живот, место каде ќе може да ги реализираат своите желби и знаења, организација во која ќе може да ги надградат своите компетенции, и можност да ги најдат скриените вредности кои не прават подобри луѓе.

Продолжуваме да го градиме нашиот волонтерски систем за да бидеме подготвени во секое време да се справиме со различни видови на здравствени и социјални предизвици и катастрофи, бидејќи во такви состојби волонтерите се нашиот најголем потенцијал за имплементација на нашите активности и обезбедување на комплементарна поддршка за институциите во државата.

За жал оваа година беше полна со хуманитарни предизвици, но горди сме за начинот на кој успеавме да одговориме.

Сеуште е актуелна пандемијата со корона вирусот каде со започнување на масовната вакцинација против КОВИД-19, Црвениот крст на Република Северна Македонија обезбеди директна поддршка на Министерството за здравство и на населението со административно – логистичка поддршка на вакцинални пунктови, надзор после администрација на вакцина, прва помош, психолошка прва помош, вакцинација на мигранти како и транспорт  на ранлива категорија на население до вакцинални пунктови.

Мигрантската криза исто така не е завршена. Само во 2021 година асистирани од Црвениот крст, беа речиси 20 000 лица во транзит од кои 4 560 беа сместени во транзитните центри и им беше обезбедена медицинска поддршка, медицински транспорт, хуманитарна помош, обновување на семејни врски и психосоцијална поддршка. Дополнителна хуманитарна поддршка се обезбеди и за евакуираните лица од Авганистан пред нивно заминување во трети земји.

Климатските промени, со последиците кои ги носат предизвикаа дополнителна потреба за интервенција каде Црвениот крст  како дел од системот за управување со кризи во државата зеде активно учество, особено во справувањето со пожарите во летниот период каде се обезбеди логистичка поддршка и прва помош на силите кои гасат пожари, како и обезбедување на хуманитарна помош од сопствените стокови резерви на загрозеното население.

Не може да не се споменат и иницијативите за мобилизирање на поддршка за семејствата на трагично загинатите лица во пожарот во модуларната болница во Тетово во која се третираа пациенти болни од Ковид како и семејствата на загинатите лица во тешката сообраќајна несреќа во Бугарија.

Работевме и работиме на постојана промоција и унапредување на можностите за населението како да помогнат на оние на кои им е потребна помош, но истовремено и промовираме можности за лична надградба на компетенции и намалување на ранливоста за разни предизвици.

Црвениот крст на РСМ во соработка и со поддршка на партнери годинава отвори нов Едукативен тренинг центар за обука на возрасни во Скопје. Како верификуван спроведувач на посебни програми за возрасни, Црвениот крст на РСМ во континуитет дава придонес во  градење на системот на образование на возрасните во државата,  обезбедува  висок квалитет на  учење и можности за стекнување на квалификации во согласност со потребите на населението. Значајно е да се истакне дека во досегашниот период од пет години, обучени се вкупно 750 невработени лица кои се стекнале со соодветен сертификат, преку 16 едукативни тренинг центри на Црвениот крст.

Четврта година во континуитет се испорачуваат социјални услуги за лична асистенција на лица со попреченост, со кои годинава се опфатени вкупно 198 лица. Од  оваа година се испорачува и услуга за нега и помош на стари лица  во домашни услови, со исклучок на Црвениот крст на град Скопје кој започна од 2018 година. Интенција на Црвениот крст на РСМ е социјалните услуги во наредниот период  да се прошируваат и развиваат во националното друштво.

Воочувајќи ја потребата од развивање на високо квалитетни услуги за нега и поддршка за стари лица во домот, во 2021, во соработка со нашите стратешки партнери Австрискиот Црвен крст и Австриската агенција за развој, ги започнавме подготовките за воспоставување на социјално-иновативната услуга Итно копче со што ќе се овозможи на лесен и ефективен начин корисниците од постарото население да имаат безбеден живот во своите домови 24/7, секогаш кога ќе имаат потреба од итност, помош и поддршка.

Интегрираме модел-услуга за транспорт за корисниците, со две специјални возила, чија цел е подобрување на квалитетот на живеење на лицата корисници во делот на нивната мобилност кои на поефикасен, поедноставен и навремен начин ќе им се обезбеди пристапност, поддршка и вклученост во општествените текови.

Посебно им се заблагодаруваме на крводарителите за нивната хуманост, бидејќи во 2021 година преку одржани 692 крводарителски акции се собрани околу 52.000 единици крв со што планските обврски се исполнети со над 100% реализација.

Го надградивме системот на спроведување на курсеви по прва помош со интегрирање на современи софтверски решенија и содржини согласно најновите насоки издадени од Глобалниот референтен центар по прва помош. Отворивме Центар за обука по прва помош и Центар за психолошка прва помош и психосоцијална поддршка со што настојуваме кон развивање системски пристап и квалитетни програми.

Во текот на годината посветено работевме на градење доверба со луѓето и заедниците на кои им служиме, со нашите донатори, партнери, и јавноста и во рамки на нашето Движење. Континуирано инвестиравме во зајакнување на нашата транспарентност и отчетност, и унапредување на системите за поддршка и зајакнување на интегритетот и воспоставување на лична и институционална одговорност. Во таа насока искажуваме и посебна благодарност до медиумите кои во континуитет ги следеа и промовираа нашите активности и претставуваа мост помеѓу нашата организација и партнерите и граѓаните на Република Северна Македонија.

Почитувани,

Во името на Црвениот крст на Република Северна Македонија, волонтерите, членовите, вработените и во мое лично име, сакам да Ви ги честитам новогодишните и Божиќните празници.

Да Ви се заблагодарам за досегашната поддршка, но и да Ве повикам во следната година сите заедно да се обидеме да направиме поголеми напори да создадеме подобра иднина, заснована на хумани вредности, заемна поддршка, солидарност и да бидеме таму каде што е најпотребно.

Ви благодарам!

 

Со почит,

Генерален секретар на Црвен крст на РСМ

Д-р Саит Саити

< врати се назад