Обраќање по повод 8-ми мај – Светски Ден на Црвен крст и Црвена полумесечина на претседателот на Црвен крст на РСМ,проф. д-р. Ромел Велев
Почитувани граѓани, медиуми, волонтери,донатори,партнери, дами и господа
Секоја година во Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина го одбележуваме 8-мај Светскиот Ден на Црвен крст и Црвена полумесечина, во чест на Анри Динан, основоположникот на нашето Движење. На тој ден ширум светот националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина преку пригодни активности ја подигаат свеста за значењето на нашите основни принципи и вредности и организираат најразлични активности за привлекување на нови членови и волонтери во Движењето и оддавање признание и благодарност до нашите партнери за поддршката која ја обезбедуваат на Црвениот крст/Црвена полумесечина.
Исто така во периодот од 8-15 Мај традиционално ја одбележуваме и Неделата на Црвениот крст на РСМ со пригодни активности ширум државата.
Низ годините Црвениот крст на Република Северна Македонија прерасна во современа организација која дава посебен придонес во унапредување на социјално – хуманитарните и здравствено – превентивните состојби на различни категории на население во државата. Нашето национално друштво исто така дава посебен придонес во вршењето на помошна улога на властите во државата пред се на полето на обезбедување на помош и поддршка на населението погодено од природни катастрофи и катастрофи предизвикани од човекот. Но акцентот на нашите активности во изминатава година беше ставен на справување со последиците од глобалната пандемија предизвикана од КОВИД-19.
Годинава 8-Мај Светскиот Ден на Црвениот крст и Црвена полумесечина во Движењето се одбележува под мотото: Незапирливи
Во голема мера слоганот на овој наш годинешен празник се должи на напорите на нашето Движење да одговориме на последиците од корона вирусот. Се она што направија волонтерите и службата беше во функција да им се помогне на луѓето за подобро да се справат со пандемијата.
Во 2020 година, секој 12 човек во светот доби одредена поддршка од Црвениот крст/Црвена полумесечина – било тоа да било лично во форма на психолошка поддршка или материјална или друга помош или пак онлајн упатство или информација на социјалните платформи за заштита од КОВИД-19. Решителноста да помогнеме во заштитата на луѓето во нашите заедници беше навистина зачудувачка. Тоа навистина не прави НЕЗАПИРЛИВИ!
Задоволство ми е што денес ќе зборуваме и што ќе гледаме содржини од активностите на нашите општински организации на Црвен крст кои посветено работеа во изминатава година и кои правеа позитивна разлика во заедниците.
Вашиот придонес е клучен за подобрување на добросостојбата на ранливите категории и зајакнување на отпорноста на заедниците.
Ние сме многу горди на вас.
Ви благодарам за вниманието и уште еднаш примете најискрени честитки по повод 8-мах, Светскиот Ден на Црвениот крст и Црвена полумесечина.