Oдбележување на Недела на борба против дијабетес (10-16 октомври 2024 година)
Црвениот крст на Република Северна Македонија во периодот од 10-16 октомври 2024 година традиционално ќе ја одбележи Неделата на борба против шеќерна болест (дијабетес) под мотото “Здрави животни навики во превенција на дијабетес – Едуцирај се и превенирај дијабетес,,. Целта на кампањата е подигнување на свеста на населението, за тоа што претставува дијабетесот и негова превенција преку воспоставување на здрави животни навики.
Шеќерната болест (дијабетес) е хронично заболување, кое се јавува кога панкреасот не продуцира доволно инсулин или пак кога веќе произведениот инсулин телото не може ефективно да го искористи. Смртноста од оваа болест на годишно ниво е застапена со 5 %. Најголем број на случаи заболени од дијабетес се на возраст од 45 до 64 години. Во Република Северна Македонија има околу 200.000 лица со дијабет тип 1 и тип 2.
Со цел заеднички да придонесеме во континуираните напори за превенција на дијабетесот, општинските организации на Црвен крст и Црвен крст на град Скопје ќе организираат едукативни работилници, споделување на објави на социјални медиуми и многу други активности за подигање на јавната свест за важноста од превенција и навремено дијагностицирање на дијабетесот. Преку овие едукативно превентивни активности ќе се опфатат различни целни групи со посебен акцент кон популацијата на возраст од 35-55 години.