Регионален состанок на координаторите за менаџмент со катастрофи и одговорните лица за логистика на НД на Црвен крст
Во периодот од 10-13 декември 2024 година, во Загреб, Хрватска, се одржа регионален состанок на координаторите за менаџмент со катастрофи и одговорните лица за логистика на Националните друштва на Црвен крст. Состанокот беше организиран од Црвен крст на Хрватска и Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина, со учество на Црвен крст на Албанија, Србија, Црна Гора, Република Северна Македонија, Бугарија, Романија, Унгарија, БиХ и Словенија.
Учесниците имаа можност да го посетат Оперативниот центар за подготвеност и одговор при катастрофи на Хрватскиот Црвен крст и да се запознаат со капацитетите и структурната поставеност на националното друштво за подготвеност и одговор при катастрофи.
На состанокот беа дадени предлози за дополнување и измени на регионалниот софтвер на веб апликацијата Х-сток, како и беше направена обука на новите Национални друштва (НД) кои се приклучија за нејзиното користење. Од страна на координаторите за менаџмент со катастрофи, беа презентирани реализираните активности за 2024 година, фокусирајќи се на позитивните и негативните аспекти на имплементираните проекти. Претставникот на ЦКРСМ го презентираше искуството со справување на пожарите во Северна Македонија, со акцент на соработката со владините институции и Меѓународната федерација.
Координаторот за менаџмент со катастрофи од Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина ги презентираше плановите за 2025 година. Тој исткана дека Меѓународната федерација обезбеди стокови резерви во хигиенски пакети, кои се сместени во магацинот на Црвен крст на Хрватска и Црвен крст на Србија и истите се достапни за националните друштва на Црвениот крст од регионот, преку апликацијата Х-сток.