септември 12, 2017

Сеќавање за жртвите во нападите на 11-ти септември

Почитуван амбасадор на САД во Република Македонија г-дин Бејли,

Почитувани присутни, дами и господа

Денес се потсетуваме на 11-ти Септември 2001 година, ден, трагедија која однесе многу животи на недолжни граѓани. Тој настан не научи и во злото сите заедно да бидеме сложни, солидарни и хумани. Денес е важно да се биде тука каде што секој со свој личен пример нуди помош на тие што таа помош им е потребна.

Денешниов настан инспирира надеж и потсетува дека солидарноста треба да се издигне на уште повисоко рамниште, да ја продолжиме традицијата која трае веќе девет години и стана синоним за одговор на современите предизвици. Преку денешната крводарителска и собирна акција уште еднаш ги артикулираме различностите и ги претвараме во хуманитарни ефекти. Тоа е пораката која сакаме денес да ја упатиме одовде.

Нека денешниов ден не потсети колку е важно да сме заедно, да даруваме и одвоиме дел од себе за другите, да помогнеме, да помислиме на оние кои имаат потреба од помош, оние кои имаат потреба од нас.

Постојано се потсетуваме и на универзалните принципи на хуманост и солидарност кои го надминуваат локалното и добиваат глобални димензии. Верувам дека и солидарноста едни кон други не прави сплотени и единствени. Токму таа го издигнува човештвото над страдањата, помошта над болката, дијалогот над конфликтите.

Да се биде солидарен кон другите е универзално чувство кое ни помага да ги надминеме страдањата од минатото, да се свртиме кон иднината. Денес се солидаризираме кон болните, повредените, оние кои имаат потреба од хуманитарна помош. Се солидаризираме и покажуваме дека никој на овој свет не треба да се чувствува заборавен.

Почитувани,

Дозволете ми да ја упатам до сите вас својата лична благодарност и благодарност од името на Црвениот крст и крајните корисници кои ќе имаат бенефит од вашите донации.

Почитуван амбасадоре,

Благодарам до Вас и вашиот персонал што ги отворивте вратите на амбасадата и дадовте уште една можност за сите нас покажувајќи личен пример и чувство за придонес и унапредување, развој и промовирање на хуманитарните вредности.

Ви благодарaм.

< врати се назад