Спроведена студиска посета во Србија во рамки на Регионалниот проект Преземи акција за социјална инклузија на старите лица
Од 20-24 декември 2017 година во Србија, беше спроведена студиска посета за размена на искуства од реализација на активности за социјална вклученост на старите лица, во организација на Црвениот крст на Србија. Оваа посета се оствари во рамки на Регионалниот проект кој се имплементира преку Црвениот крст на Србија како проект координатор, во партнерство со Црвениот крст на Австрија, Црвениот крст на Македонија, граѓанското здружение „Хуманост“ од Македонија, Црвениот крст на Црна Гора и граѓански здруженија од Албанија и Босна и Херцеговина. На студиската посета учествуваа претставници на проектните тимови и членки на мрежата ИнклузиваМ од Македонија, како и претставници на проектниот тим и мрежата на граѓански здруженија од Црна Гора. Од Македонија присуствуваа претставници на проектен тим на Црвен крст на РМ, Хуманост и Здружението за алцхајмерова болест.
На 21.12.2017 година во Црвениот крст на Србија беше организиран состанок со членките на мрежата ХуманаС, на кој координаторот на проектните активности на Црвениот крст на РМ ги презентираше резултатите од направеното истражување за потреба од отворање на сервиси за социјални и здравствени услуги за старите лица. На состанокот беа претставени активностите на членките на ХуманаС за социјална инклузија на старите лица. Од страна на претставници од граѓанска иницијатива од Белград беа презентирани финансиските процедури согласно Европските стандарди, како и за правилата за видливост.
За време на студиската посета беше овозможена посета на Волонтерскиот сервис во Звездара, Белград, на која беа претставени активностите кои преку овој сервис се обезбедува помош на стари лица во оваа општина. Во сервисот волонтерите имаат можност да спроведуваат едукативни, рекреативни и креативни активности со старите лица, но во исто време возрасните лица како волонтери обезбедуваат помош во домови на стари лица, кои ги посетуваат еднаш во неделата или повеќе доколку постои потреба. За време на посетата претставниците на Македонија и Црна гора присуствуваа на свечен настан за одбележување на петгодишното постоење на катче за стари лица на Црвениот крст на Крагуевац. Преку ова катче наменето за квалитетно и здраво стареење, се реализираат групи за само помош, функционира телефон за помош на старите лица, а исто така се спроведуваат и активности – работен викенд на село, каде се посетуваат стари и изнемоштени лица и им се испорачуваат здравствени и социјални услуги. Направена беше посета и на Геронтолошкиот центар „Бежанијска Коса“ во Белград. Овој центар покрива четири области и тоа долгорочна нега за старите, дневни услуги во заедницата, инфо центар и социјални и административни услуги. Вкупно со сите услуги се опфатени повеќе од 10.000 корисници, и се реализираат над 150 програмски активности со кои се опфаќаат сите генерации.
Размената на искуства на активностите за социјална инклузија на старите лица во рамки на студиската посета беше од исклучително значење и тоа ќе послужи како позитивна практика за развој на активностите наменети за старите лица.