октомври 20, 2017

УЧЕСТВО НА ГОДИШЕН СОСТАНОК НА НАЦИОНАЛНИ ДРУШТВА ЧЛЕНКИ НА ЕУ

Во периодот од 15 до 17 октомври, 2017 година двочлена делегација на Црвен крст на Република Македонија во состав: д-р Саит Саити – генерален секретар и Сашо Талески – раководител на сектор за програми учествуваа на годишниот состанок на националните друштва од земји членки на Европска Унија. Состанокот се одржа во Брисел, Белгија во просториите на ЕУ канцеларијата на Црвен крст. Дел од состанокот беше посветен на земјите од Западен Балкан, односно обезбедување на инструктивна поддршка за националните друштва на Црвен крст во периодот на Евро-интеграциите на земјите од Западен Балкан.

На годишниот состанок покрај националните друштва од земјите членки на ЕУ присуствуваа и националните друштва на Црвен крст на Република Македонија, Црвен крст на Босна и Херцеговина, Црвен крст на Србија и Црвен крст на Црна Гора. Секое од националните друштва презентираше одредена проектна содржина во рамки на имплементацијата на проекти од ИПА фондови. Црвениот крст на Република Македонија го презентираше ЕУ Проектот за преземање на акција за подобра конкурентност на пазарот на трудот имплементиран во соработка со Занаетчиската Комора на Скопје во периодот 2015 – 2017 година.

На годишниот состанок се обрати генералниот директор за проширување на Европската Унија, кој даде свое видување на процесот на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан. На состанокот стана збор за новите трендови во законодавството и политиките на ЕУ при што националните друштва од ЕУ земјите членки дадоа свое видување околу тековните состојби. Исто така беше разгледано и прашањето на миграциите и последиците кои ги предизвикува ова прашање по животот на луѓето и работата на Европските национални друштва. На состанокот се обрати и генералниот секретар на Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина г.дин Елхадј Ас Су кој даде краток осврт на тековните состојби во Меѓународната Федерација и подготовките за претстојните статутарни состаноци во Анталија, Турција.

На состанокот исто така се зборуваше за иднината на Механизмот за Цивилна Заштита на Европската Унија и можностите за брз одговор на природни катастрофи. За време на работната средба националните друштва од Западен Балкан исто така имаа можност подобро да се запознаат со функционирањето на ЕУ канцеларијата на Црвен крст. Стручната служба на ЕУ канцеларијата ги презентираше поединечно своите активности по области и искажа подготвеност за обезбедување на стручна и оперативна поддршка во процесот на подготовка на проекти финансирани од ЕУ.

На состанокот исто така свое обраќање имаа четирите кандидати за претседател на Меѓународната Федерација кои дадоа краток осврт на програмата со која се кандидираат за  претседателската функција и одговараа на прашањата на претставниците на националните друштва на Црвен крст.

< врати се назад