ЗАШТИТА НА НАСЕЛЕНИЕТО ОД ТОПЛОТНИ БРАНОВИ КАКО ДА СЕ ОДНЕСУВАМЕ ПРИ ВИСОКИ ТЕМПЕРАТУРИ
Црвениот крст на РСМ веќе неколку години активно се вклучува со превентивни и теренски активности за заштита на населението од топлотни бранови кој ја зафаќаат нашата земја во летниот период.
Согласно податоците добиени од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи на 11.06.2024 (вторник) и 12.06.2024 година (среда), територијата на градовите Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза, додека Скопскиот и Вардарскиот Регион, ќе бидат зафатени со жолта (алертна) фаза и за истите ќе важат општите препораки од Министерството за здравство.
За таа цел Општинските организации на Црвен крст и Црвен крст на Град Скопје ќе преземат различни теренски активности за заштита на здравјето на населението од топлотни бранови, како што се: делење на флаширана вода, патролирање на мобилни тимови за укажување на прва помош, делење на флаери и совети заштита од топлотни бранови и мерење на крвен притисок на фрекветни места со посебен акцент за заштита на ранливото население (стари лица, деца, бездомници, бремени жени, лица со хронични заболување и други).
ПРЕПОРАКИ ЗА ЗАШТИТА НА ЗДРАВЈЕТО ОД ТОПЛОТНИ БРАНОВИ
Чувајте се од топлината.
Избегнувајте излегување и вршење напорна активност за време на најтоплиот период од денот. Останете во сенка, не оставајте деца или животни во паркирани возила, и доколку е потребно и можно, поминете 2-3 часа на ден на ладно место.
Освежувајте се често:
- Бидете добро хидрирани. Пијте 6-8 чаши вода дневно.
- Често туширајте се, за да се oлади телото.
Заштитете се од топлина:
- Ограничете ја физичката активност, особено во периодот од денот кога е најтопло.
- Носете светла облека и лесна облека, наочари за УВ заштита и капа.
- Користете креми со заштитен УВ фактор.
- Избегнувајте непотребно излегување надвор во период од 10 до 17 часот.
- Одбегнувајте алкохол и акохолни пијалоци, како и пијалоци што содржат кофеин како и екстремно ладни пијалоци.
- Избегнувајте премногу масна и високо калорична храна, како и храна која содржи шеќери.
ЗА БЕБИЊА И ДЕЦА
За време на топлотни бранови, здравјето на бебињата и децата може да се влоши брзо.
Хидрирајте ги Вашите деца:
- Дајте им чаша вода на секои 20 минути.
- Почесто доете го Вашето бебе.
- Освежувајте ги Вашите деца често:
- Во базен или во бања или туш најмалку двапати дневно.
- Освежете ја кожата со влажна крпа неколку пати на ден.