септември 29, 2017

1 октомври – Меѓународен ден на старите лица

“Чекорење во иднината: Користење на талентите, придонесот и учеството на старите лица во општеството”

 

Црвениот крст на Република Македонија и оваа година се вклучува во одбележување на 1октомври – Меѓународен ден на старите лица. Овој ден е назначен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации на 14 декември 1990 година.   На ова претходеле иницијативи како што е Виенскиот Меѓународниот акционен план за стареење – кој во 1982 е усвоен од страна на Светското собрание  за стареење – и одобрен подоцна таа година од страна на Генералното собрание на ОН. Во 1991 година, Генералното собрание ги усвои Принципите за стари лица на Обединетите нации. Во 2002 година, Второто Светско собрание за стареење го усвои Мадридскиот меѓународен акционен план за стареење, да одговори на можностите и предизвиците на стареењето на населението во 21 век и да се промовира развојот на општество за сите возрасти.

Темата определена од страна на Обединетите нации за овогодинешниот Меѓународен ден на старите лица е: Темата ја нагласува поврзаноста меѓу користењето на талентите и придонесот на постарите лица и постигнувањето на имплементацијата на Агендата 2030 и Мадридскиот меѓународен акционен план за стареење, кој во моментов е во процес на ревидирање и проценка. Чекорејќи во иднината, сосема е очигледно дека потребата да се потпреме на често игнорираните и недоволно ценети придонеси на постарите лица, не е само од суштинско значење за благосостојбата на постарите лица, но  исто така е значајно и за процесите за одржлив развој. Темата за 2017 година ќе ги истражи ефективните средства за промовирање и зајакнување на учеството на старите лица во различни аспекти на социјалниот, културниот, економскиот, граѓанскиот и политичкиот живот.

Црвениот крст на РМ како член на Националното координативно тело за следење и евалуација на  имплементацијата на Националната Стратегија за стари лица, која е изработена во согласност и со Мадридскиот меѓународен акционен план за стареење, активно се вклучува и дава придонес во севкупните напори кои ги преземаат надлежните  институции во остварување на правата, неопходната грижа и заштита на старите лица во Македонија.

По повод одбележување на 1 октомври, во рамките на програмските активности на Црвениот крст ќе бидат организирани активности поврзани со активното стареење, како и активности за поддршка и грижа на старите лица:

Црвениот крст на град Скопје на 2 октомври ќе организира прес конференција на тема „Чекор напред во модернизација и стандардизација на услугите за старите лица,, . Исто така ќе се одржи Чи Конг семинар и ликовна колонија за активни стари лица, заедничка средба на службите за социјална заштита на Град Скопје и  Град Нинберг, Размена на искуства – домашни посети на стари лица од тимови на Црвен крст Нинберг и Црвен крст на град Скопје, средба на тимовите  на Црвен крст Нинберг и Црвен крст на град Скопје и Австриски Црвен крст за унапредување на сервисите за стари лица, како и посета на 180 стари и изнемоштени лица во нивните домови од страна на волонтери и медицински сестри, проект кој се имплементира седум години во континуитет.

Од страна на општинските организации на Црвениот крст Кисела Вода, Велес, Крива Паланка, Прилеп, Гостивар, Струга, Дебар, Битола, Кавадарци, Охрид и Ресен ќе бидат организирани едукативни работилници  на тема од здравствена превенција на старите лица, како и информативни работилници за правата на старите лица. Преку општинските организации од страна на  волонтери на Црвениот крст заедно со здравствени работници ќе бидат посетени над 110 стари и изнемоштени лица во нивните домови во рурални средини, како и ќе се направи посета во установите за стари лица при што ќе се подели помош во храна и облека. Во соработка со здруженијата на пензионери Црвен крст на Гостивар ќе организира трибина на тема „Инклузија и ресоцијализација на старите лица во општеството“. Црвениот крст Крива Паланка ќе одржи едукативна работилница на тема: Здрав начин на исхрана – превентивни мерки од труење со храна“, Црвениот крст на Ресен ќе одржи работилница на тема: Превенција и заштита од висок крвен притисок и шеќер во крвта, Црвениот крст на Дебар ќе одржи едукативна работилница за правата на старите лица. Црвениот крст на Прилеп во соработка со општинското здружение на пензионерите ќе организира едукативна работилница на тема активно стареење. Општинската организација на Црвен крст Охрид во рамките на спортско – рекреативната акција „За посреќно детство“   ќе се организира меѓу генерациска средба каде старите лица ќе имаат можност да се вклучат во заеднички спортски активности со младите волонтери. Црвениот крст на Битола ќе организира обука за прва помош на старите лица во здружението на пензионери во општината.

Ова се само дел од активностите на Црвениот крст кои се имплементираат со и за старите лица, со цел подобрување на квалитетот на нивниот живот.

< врати се назад