мај 2, 2019

100 години постоење на Меѓународната Федерација на Друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина 1919-2019

Меѓународната Федерација на Друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина е најголемата хуманитарна организација во светот, која обезбедува веќе 100 години помош и поддршка за ранливо население без никаква дискриминација врз основ на националност, раса, верско убедување, класна или политичка припадност.

Меѓународната Федерација е основана во 1919 година, и во неа денес членуваат 191 национални друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина. Постојат уште национални друштва во светот кои се во фаза на формирање.

Секретаријат на Меѓународната Федерација е во Женева а организацијата има  повеќе од 60 делегации кои се стратешки лоцирани за поддршка на активностите на националните друштва ширум светот. Улогата на Секретаријатот во Женева е да ја координира и мобилизира помошта за обезбедување на поддршка за меѓународни операции, да ја унапредува соработката меѓу националните друштва и да ги претставува националните друштва на меѓународен план. Улогата на теренските делегации е да ги помагаат и советуваат националните друштва при операции за помош и за имплементација на развојни програми и да ја поттикнуваат регионалната соработка.

Визијата на Меѓународната Федерација гласи: да ги инспирира, охрабрува, потпомага и промовира во секое време, сите форми на хуманитарни активности на националните друштва, со цел да се спречи и намали страдањето на луѓето и да се придонесе за одржување и унапредување на човековото достоинство и мир во светот.

Меѓународната Федерација спроведува операции за помош на настрадани од катастрофи ширум светот. Посебен акцент во својата работа посветува на обезбедување поддршка за развојните активности и за зајакнување на капацитетите на национални друштва.

Работата на Меѓународната Федерација пред се е насечена во четири основни области: промовирање на хуманитарни вредности, подготвеност при катастрофи, дејствување при катастрофи, и здравје и нега во заедницата.

Главната моќ и сила на Меѓународната Федерација е мрежата на национални друштва кои делуваат во речиси секоја земја во светот.  Активностите се спроведуваат од страна на околу 17 милиони волонтери во локалните заедници кои на годишна основа помагаат 150 милиони луѓе во светот преку различни активности за помош и грижа.

Црвениот крст на Република Македонија е полноправен член на Меѓународната Федерација од 1995 година и е примен во организацијата како 169-то национално друштво. Црвениот крст на Република Македонија е првото национално друштво во Движењето кое доби сертификат за силно национално друштво во 2015 година.

Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина, заедно со националните друштва и Меѓународниот Комитет на Црвен крст, го сочинуваат Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина.

 

< врати се назад