септември 18, 2018

11-ти Септември

Почитуван Г-дин Џес Бејли Амбасадор на САД во РМ,почитуван Г-дин Талат Џафери Претседател на Собранието на РМ, пратеници , министри ,претставници на политички партии,Почитувани претставници на верските заедници, соработници, волонтери

Дами и господа,

Дозволете  да се заблагодарам од името на Црвениот крст на РМ за заедничката иницијатива која оваа година одбележува десет годишен јубилеј, континуитет преку кој ги продлабочуваме нашите релации, промовираме и поттикнуваме хуманост  но и мотивираме во заедницата.

Изминативе години, преку заедничките успеси, поддршка кон ранливите категории, пружање помош и наш личен придонес во ублажување на ранливоста на населението, станавме препознаени во заедницата како пример за индивидуална и општествена одговорност.

Денешнава крводарителска  и собирна акција, веќе се препознатливо обележје на нашата соработка , која се темели на принципите хуманост и солидарност кои и за двете држави претставуваат дел од колективната и индивидуалната свест.

Многупати во минатото на американскиот народ и нашите народи сме се соочиле со предизвици кои бараат активизам без дистинкција во однос на верска, етничка и полова припадност и токму тоа не направило посплотени и не издигнало над човековите страдања преку нивно ублажување.

Почитувани,

Дозволете на денешниов настан, уште еднаш да се потсетиме на 11 септември, настан која ја помести глобалната перцепција за страдањето, но и помош и сплотеност кога тоа е најпотребно.

Не треба и не смееме брзо да ги забораваме случувањата од нашата поблиска и подалечна историја. Не за да се врежат во колективната свест како спомен, туку да не поучат и нас, но и идните генерации да бидеме и да бидат подготвени за соодветна реакција, за помош и поддршка.

Чувството дека помагаш и даваш поддршка и си  близу до оние на кои им е потребна помош, сите  не прави поголеми личности.

Токму такви, големи личности се 1 809 крводарители кои изминатите 10 години на овие акции  дарувале крв како одраз на високи етички, хуманитарни и морални вредности.

Одговорни чинители за пример во заедницата се и поединците, компаниите, институциите кои донирале прехранбени продукти преку кои е помогнато на ранливи категории население.

Потребно е да продолжиме да се подобруваме за да се прилагодиме на светот кој постојано и брзо се менува.

Нашите стремежи ќе бидат насочени кон понатамошен развој на организацијата и промовирање на индивидуалните и колективните вредности со акцент за подигање на свеста за заштита на човековото достоинство.

10 годишниот јубилеј го одбележа градење на пријателства, грижа кон другите, хуманост на дело. Низ годините, научивме повеќе едни за други, ги прифативме различностите, дадовме придонес кон заедницата, изградивме цврсти темели кои низ годините ги надградивме.

Почитувани соработници, пријатели, дозволете да упатам апел до сите вас, заеднички да ја пренесеме пораката дека нештата кои се корисни за пошироката заедница заслужуваат континуитет. Континуитет од кој научивме ние, вие, за себе, за другите, за подобро утре.

< врати се назад