150 години по Првата Женевска конвенција Швајцарија и Меѓународниот комитет на Црвениот крст…
150 години поПрвата Женевска конвенција Швајцарија и Меѓународниот комитет на Црвениот крст повикуваат на поголемо почитување на меѓународното хуманитарно право Пред 150 години на овој ден беше усвоена првата Женевска конвенција за подобрување на условите на повредените и болните во воени судири на копно втемелувајќи ја на тој начин во меѓународното право идејата дека, дури и во време на војна, мора да биде загарантиран одреден минимален степен на хуманост. Швајцарија и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), кои во тоа време заеднички помогнаа да се обезбеди прифаќање на меѓународното хуманитарно право во светски рамки, сега повикуваат на подоследно придржување кон овој принцип, во недостиг на ефективни механизми за негова примена низ светот. Денешните војни немаат многу заеднички работи со битките од 19 век. Од јасно дефинирани бојни полиња борбите постепено се префрлија на населени простори. Традиционалната војна меѓу армииите на завојуваните држави стана исклучок, додека немеѓународните конфликти станаа правило. Денес цивилите се главните жртви од вооружените конфликти. Меѓународното хуманитарно право се приспособи кон оваа промена. Потресени од разорноста и страдањата од Втората светска војна, државите во четирите Женевски конвенции од 1949 година договорија опсежна заштита за оние лица кои не учествуваат или повеќе не учествуваат во непријателствата – повредени и болни војници, воени затвореници и цивили. Оваа основа на меѓународното хуманитарно право во 1977 и 2005 година беше проширена со три дополнителни протоколи. Употребата на одреден вид оружје, како биолошко или хемиско оружје, касетни бомби и противпешадиски мини е нашироко забранета. Законот постави ограничувања за да ги заштити најранливите лица од бруталноста на војната. Неговата имплементација исто така доживеа одреден напредок, на пример, при обуката на војници или при гонењето на најголемите воени злосторства, а особено благодарение на основањето на Меѓународниот кривичен суд (МКС). И покрај тоа, секојдневно добиваме ужасни известувања и слики од светот кои сведочат за невидени страдања во вооружените конфликти. Премногу често овие страдања се резултат на сериозни кршења на меѓународното хуманитарно право. Во Членот 1 кој им е заеднички на сите четири Женевски конвенции од 1949 година државите се договорија „во секакви услови да ги почитуваат и да го загарантираат почитувањето“ на овие Конвенции Принципите на меѓународното хуманитарно право имаат универзална важност. Сепак, нивното опстојување не е засекогаш загарантирано и бара постојан напор. . Од усвојувањето на првата Женевска конвенција пред 150 години меѓународното хуманитарно право стана централен столб на меѓународното право. Конечно, неговите одредби служат за зачувување на нашата суштинска карактеристика како човечки суштества: нашата хуманост. ОРИГИНАЛЕН ФАКСИМИЛ НА ЖЕНЕВСКАТА КОНВЕНЦИЈА ОД 1864 ГОДИНА [responsive][/responsive]