160 години од битката кај солферино
Годинава се навршуваат 160 години од Битката кај Солферино која се случила на 24 јуни 1859, во северна Италија, каде армиите на Франција и Австрија биеле крвава битка која траела 16 часа, во која учествувале 320.000 војници и која резултирала со 40.000 ранети и мртви на бојното поле. Тоа било карактеристично за битките од тоа време, кои во основа претставувале масовни колежи. Воените команданти посветувале многу малку внимание на војниците, кои ги имало во огромен број. Кога ќе биле ранети, помош им се укажувала дури откако ќе се згрижеле коњите кои биле помалку и се сметале за скапоценост на бојното поле. Луѓето биле ‘‘топовско месо‘‘. Хирурзите биле малку на број. Имало 4 ветеринари за илјадници коњи, а само еден лекар за истиот број луѓе. Помош се укажувала само на полесно ранетите додека потешко ранетите биле речиси оставени на милост и немилост да умрат. На непријателските ранети војници воопшто и не им се обрнувало внимание.
Но зошто токму оваа битка е важна за Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Важна е затоа што се поставуваат постулатите на нашата организација. Анри Динан, основачот на Црвениот крст, кој заради деловни причини, бил сведок на ужасната глетка по битката и бил толку вознемирен што заборавил на неговата средба со императорот, ги собрал луѓето од блиското село и поминал три дена постојано грижејќи се за ранетите. Неговите мудри зборови гласеле Siamo tutti fratelli (ние сме сите браќа), што ги отворило срцата на волонтерите кои му служеле и на непријателот и на сопствените борци. Динан се вратил во Швајцарија, каде продолжил да мисли на кошмарот чиј сведок бил кај Солферино. За да не остане незабележано она што го доживеал, тој напишал книга насловена како ‘‘Сеќавање на Солферино‘‘. Основна цел на Динан била да го сврти вниманието на светот кон реалноста на војната. Ја испраќа книгата до владејачките семејства од Европа, како и на воените лидери, политичарите, филантропите и пријателите. Книгата промовира две основни идеи кои подоцна се покажале како идеи од суштинско значење:
- Во секоја земја да се формира Друштво за давање помош составено од волонтери кои ќе се грижат за ранетите за време на војна (што подоцна резултира со формирање на национални друштва на црвен крст и црвена полумесечина)
- Да се промовира меѓународен договор кој би ги заштитил ранетите војници на бојното поле и оние кои се грижат за нив, обезбедувајќи им неутрален статус (што подоцна резултира со донесувањето на Женевските Конвенции и меѓународното хуманитарно право).
Затоа битката кај Солферино е толку важна за Движењето на Црвениот крст и Црвена полумесечина. Не потсетува на нашите почетоци, на нашата хумана мисија. Затоа ја одбележуваме во целиот свет преку нашите волонтери и општинските организации на Црвен крст на сите континенти, бидејќи го инспирирала формирањето на нашата организација која и после 160 години ги застапува и се бори за истите идеали и принципи.
Ве покануваме, на овој датум (24 јуни, 2019 год. понеделник) при спроведувањето на нашите активности во вашите локални средини сите заедно да се потсетиме на значењето на овој настан за нашата организација.