18 Октомври – Европски ден на борба против трговија со луѓе
Трговијата со луѓе е сериозен општествен проблем и претставува најтешка форма на кршење на основните човекови права – правото на живот, на слободно движење, на слобода на избор и други права и слободи. Трговијата со луѓе е проблем кој бара заеднички пристап за негово сузбивање и вложување на заеднички напори од соодветните релевантни институции. Црвениот крст на Република Северна Македонија како член на Секретаријатот на Националната Комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција преку имплементација на превентивни активности дава придонес во борбата против овој глобален проблем што се рефлектира и во нашата земја.
Во таа насока Црвениот крст на РСМ и оваа година се вклучува во одбележување на 18 Октомври – Европски ден на борба против трговија со луѓе со организирање на превентивни активности за врсничка едукација на младата популација преку Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвениот крст. Превентивните лекции имаат за цел подигање на свеста на младите, препознавање на начините преку кои можат да бидат вовлечени во трговијата со луѓе и нивна самозаштита.