октомври 19, 2023

Почитувани,

 

Изминатата година започнавме да работиме на нов проект кој го нарековме Трансформација-28 кој претставува наша храбра амбиција која оди подалеку од постепена промена –  започнуваме процес кој ќе ни овозможи во следните пет години да ги преиспитаме и адаптираме нашите деловни и оперативни модели за да испорачуваме додадена вредност. 

Ова трансформациско патувањето го започнуваме со надеж дека ќе ни понуди нови решенија и видици како да ја менуваме и адаптираме нашата агенда за да одговориме на континуираната динамика во надворешното опкружување.

Новата развојна рамка на Црвениот крст на РСМ која ја претставуваме денес е  наш скромен обид да дадеме придонес и да инвестираме во сеопфатни промени во 24 области од делокругот на работењето на Црвениот крст во следните пет години инкорпорирани и претставени во прекрасна тријазична публикација која имаме чест и задоволство денес да ја промовираме пред пошироката јавност.

Низ подолг консултативен процес и соработка со нашите партнери и поддржувачи и целата организација, во изминатата година ги поставивме нашите развојни постулати обидувајќи се да бидеме самокритични и да детектираме области каде што може да се подобриме, трудејќи се да бидеме иновативни и да фрлиме поглед на иднината со цел да иницираме позитивни промени кои ќе ни овозможат да бидеме во чекор со трендовите, со развојот на технологијата, со можните ризици и предизвици, и со потребите на нашите корисници.

Во новата развојна рамка нашата генерација на вработени ја исцрта сликата како сакаме да изгледа нашата организација после пет години.

Ги дефиниравме задачите и областите каде може да напредуваме и да се трансформираме, преку внатрешна реорганизација, преку воведување на нови услуги и активности, и дефинирање на модалитети за соработка со нашите партнери.

Посебен акцент ставаме на анализа на состојбите и утврдување на нашите приоритети поврзани со унапредување на социјалната и здравствената добросостојба на луѓето, подготвеност и одговор при катастрофи, справувањето со последиците од климатските промени, заштита на животната средина, реорганизација на нашата поставеност, мобилизирање на волонтери и членство и работа со младите, миграциите, спасување на вода и безбедност на планина, хуманитарната дипломатија, промовирање на меѓународното право и други активности.

Во развојната платформа дефиниравме целни области во кои ќе инвестираме капацитети и напорна работа, со намера, во годините пред нас, да развиваме и воведуваме услуги и сервиси од интерес на граѓаните кои ќе ни овозможат да станеме комплементарен партнер на државните институции, на домашните и меѓународни организации и компании во државата кои работат на подобрување на квалитетот на животот на луѓето.

Нашите заложби се можеби скромни но очекувањата ни се големи. Но впрочем на тие премиси била основана и организацијата на Црвениот крст во далечната 1863 година. Да му се обезбеди помош и поддршка на човекот во невоља, па макар тоа било и само кажан топол збор.

Наша цел е да бидеме иницијатори на промени. Промени кои ќе значат многу за младите но и за повозрасните генерации. Промени кои ќе значат подадена рака за партнерства со разни чинители во многу области. Промени во кои некаде ќе бидеме носители а некаде само ќе помагаме. Промени кои ќе значат нови услуги за граѓаните. Промени кои ќе придонесат за подобар живот на различни целни групи на население.

Развојната рамка Трансформација-28 е пропратена со Акциски план во кој претставуваме дел од нашите трансформациски активности дефинирани со временска рамка кои ќе бидат интегрирани во нашите оперативни годишни планови.

Во нашиот акциски план очекуваме да се пронајдат и многу наши партнери кои ќе бидат подготвени да ни се приклучат на трансформациското патување со свои идеи и проекти кои имаат допирни точки со нашите развојни заложби. 

Исто така се надеваме дека нашата развојна рамка ќе послужи како добра практика која ќе можат да ја споделат и други национални друштва во регионот и пошироко како наш придонес во развојот на регионалните и универзалните напори за унапредување и збогатување на хуманитарната работа.

Сакаме да бидеме проактивни и да предводиме позитивни промени во нашето општествено опкружување. Да бидеме лидери на иницијативи и проекти кои ќе придонесат во искористување на компаративните предности, компетенции и достигнувања на нашата организација но и на нашите партнери.

Пример за ова е и утрешната симулациска вежба “Хуманитарен Одговор 2023” која ја организираме заедно со нашите партнери во обид да дадеме позитивен  придонес во обезбедување на сеопфатен одговор за спасување на настрадани лица, укажување на прва помош, психолошка поддршка и транспорт на повредени од земјотрес и мобилизирање на волонтерска поддршка за хуманитарен одговор.

Во нашиот процес на промени, пред се, сакаме да бидеме комплементарни, да нудиме услуги, компетенции и ресурси кои ќе значат прогрес и напредок во нашето општествено опкружување.

Нашите резултати и остварувања да бидат придонес во унапредување на севкупното здравје и добросостојба на граѓаните на Република Северна Македонија.

Дозволете ми во оваа прилика уште еднаш да се заблагодарам на сите претставници на институции, партнери, експерти, претставници на Движењето на Црвениот крст и сите други кои ни помогнаа во креирањето на нашата нова развојна рамка.

Посебна благодарност до мојот тим кој повеќе од една година работеше на изготвување на оваа публикација која ќе претставува продолжение на се она што пред нас го направија многу генерации на волонтери и вработени на Црвениот крст.

 

Ви благодарам на вниманието

< врати се назад