Почитувани,
Дозволете ми од името на Црвениот крст на Република Северна Македонија да ве поздравам и да ви се заблагодарам за вашето присуство и учество во симулациската вежба “Хуманитарен Одговор 2023”.
Не така одамна, нашата држава и градот Скопје во 1963 година беа соочени со голем хуманитарен предизвик – катастрофалниот земјотрес кој го погоди градот Скопје и однесе голем број на животи и нанесе огромни материјални штети. Тогаш благодарение на солидарноста на регионот и целиот свет бевме сведоци на хуманитарен одговор кој помогна во спасување на многу животи и обновување на нашиот главен град.
Овој настан се совпаѓа и со првата поголема хуманитарна кампања на Црвениот крст во нашата земја. Оттогаш до денес со посебно задоволство можеме да заклучиме дека прераснавме во организација која низ годините успеа да одговори на бројни предизвици, како што беше справувањето со бегалските бранови по случувањата во поранешна Југославија, помош за илјадници мигранти кои сеуште транзитираат низ нашата земја, учество во севкупниот одговор на пандемијата предизвикана од КОВИД-19 и обезбедување хуманитарна поддршка при катастрофи во земјава и странство.
Почитувани,
Денес, сите ние покажавме дека сплотени и со заеднички сили можеме успешно да се справиме и со најтешките предизвици и да обезбедиме ефикасен одговор на хуманитарна катастрофа како што е земјотрес.
Кризите и катастрофите за жал секогаш ќе бидат дел од нашето секојдневие, во регионот и пошироко. Земјотресите, пожарите, поплавите, епидемиите, миграциите, бегалците како и другите хуманитарни предизвици ни наложуваат постојано да инвестираме во она што го можеме и го правиме најдобро со цел да дадеме заеднички придонес во градење на одржливи капацитети за подготвеност, ефективен одговор и опоравување од катастрофи, со примарна цел да обезбедиме поддршка за погоденото население при катастрофи или хуманитарни кризи.
Во денешното сценарио нашето внимание беше насочено во презентирање на нашите капацитети за обезбедување сеопфатен одговор за спасување на настрадани лица, укажување на прва помош, психолошка поддршка и транспорт на повредени од земјотрес и мобилизирање на волонтерска поддршка за хуманитарен одговор. Заедно со одговорните институции во државата кои учествуваа во организацијата и спроведувањето на вежбата покажавме дека преку заедничко планирање, координација на капацитети и ресурси можеме да бидеме исклучително ефикасни во сите фази на обезбедувањето на соодветен одговор на катастрофи.
Денес, покажавме дека сите клучни чинители во општественото опкружување инвестираат и даваат придонес во зајакнување на нашите способности за намалување на ризици, преземање на навремена акција, и градење силни капацитети за подготвеност и одговор при катастрофи преку искористување на достапните национални и меѓународни механизми за поддршка.
Честитки до сите тимови за професионалноста и стручноста при извршувањето на вашите задачи.
Почитувани,
Дозволете ми од името на Црвениот крст да искажам посебна благодарност до покровителот на нашата вежба “Хуманитарен Одговор 2023”, г.динот Стево Пендаровски, Претседател на Република Северна Македонија, за севкупната поддршка во организацијата и промоцијата на денешниот настан. Посебна почит и благодарност до сите вклучени институции во денешната симулациска вежба со што покажавме дека сите заедно можеме успешно да ги надградуваме и координираме нашите капацитети за обезбедување ефикасен одговор на било каков хуманитарен предизвик кој може да се случи во нашата земја.
На наше големо задоволство во симулациската вежба учествуваа и поголем број на национални друштва на Црвен крст од регионот и пошироко, покажувајќи го нашето единство и солидарност меѓусебно да се помагаме и поддржуваме, втемелено врз основните принципи кои го обединуваат нашиот хуманитарен одговор во светски рамки уште од далечната 1963 година кога е формирано Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина. Искрено се заблагодаруваме за поддршката на вашите тимови кои со својот професионализам и стручност дадоа посебен придонес во успешна реализација на симулациската вежба.
Она што најмногу ме радува е дека успеавме да покажеме дека сите ние може да си обезбедуваме комплементарна поддршка која директно или индиректно може да има позитивно влијание врз добросостојбата на луѓето особено при случување на поголеми катастрофи. Уверен сум дека нашата иницијатива ќе биде поттик за нови соработки, заеднички инвестиции во надградба на севкупните капацитети на државата за одговор на можни хуманитарни предизвици.
Со нетрпение очекуваме да работиме на нови заеднички проекти и програми, кои ќе значат побезбедно утре, обезбедена поддршка, спасени животи на нашите сограѓани.
Посебна благодарност до Владата на Република Северна Македонија и ресорните министерства и одговорните институции за кризен менаџмент што му овозможија на Црвениот крст денес да ги презентира нашите капацитети и ресурси кои секогаш се подготвени и на располагање за обезбедување комплементарна поддршка на севкупниот систем за кризен менаџмент на државата.
Дозволете ми на крајот во името на нашата организација, уште еднаш да се заблагодарам на сите учесници на вежбата за одвоеното време, ресурси, подготвеност и желба да бидете со Црвениот крст, за вашата поддршка на нашите хуманитарни идеали.
Ви благодарам