февруари 26, 2015

АКТИВНОСТИ ЗА РЕАЛИЗИРАЊЕ НА ДОНИРАНИТЕ СРЕДСТВА ЗА НАСТРАДАНОТО НАСЕЛЕНИЕ ОД ПОПЛАВЕНИТЕ ПОДРАЧЈА ВО МАКЕДОНИЈА

press26022015

На 26.02.2015 година во 10:30 часот во просториите на Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија се одржа прес конференција на која јавноста беше информирана за обезбедената донација за помош на настраданото население од поплавените подрачја и активностите кои ќе се преземат за реализирање на донираните средства.

Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија Саит Саити, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески изразија голема благодарност до сите граѓани, компании, институции и други правни субјектии кои се вклучија и помогнаа во хуманитарната акција за помош на настраданото население од поплавите во Македонија.

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески изјави дека се направени чекори за санирање на штетите и распределба на собраните средства од донациите. Во хуманитарната акција собрани се вкупно 12.889.237 денари. Евидентирани се вкупно 260 семејства настрадани од поплавите во 12 општини.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов информираше за преземените активности за проценка на штетите кај настраданите семејства кои ги правеа тимови на Центрите за социјална работа, Црвениот крст на Република Македонија и Општините. Од контролниот увид констатирано е дека се потребни 10.000.000 денари за санација и задоволување на потребите на настраданото население. Надоместокот за штетите и распределбата на собраните средствата е поделен во 10 групи во зависност од потребите на граѓаните и големината на штетата, при што најниската група изнесува 14.000 денари, а највисоката 110.000 денари.

Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија, Саит Саити даде преглед на дистрибуираната хуманитарна помош од страна на Црвениот крст на РМ по општини за населението од поплавените подрачја во Македонија, и тоа: 382 тони вода за пиење, 1.026 пакети со прехранбени артикли, 1.047 пакети со средства за хигиена, 2.582 кебиња, 425 пара гумени чизми, 100 душеци и 780 литри дизентал.

Хуманитарната акција за собирање на средства преку телефионските линии заврши заклучно со 25.02.2015 година, но Генералниот секретар Саит Саити напомена дека Црвениот крст на Република Македонија останува отворен и ќе продолжи со хуманитарните активности. Во тој правец, сите иницијативи кои ќе доаѓаат од граѓаните, компаниите и нашите сограѓани во странство ќе бидат прифатени и сметката за солидарност ќе биде и понатака активна, а остатокот од собраните средства ќе бидат наменети за санирање на штетите во подоцнежните фази по направените дополнителни проценки. Црвениот крст на Република Македонија заедно со министерствата од утре ќе започне постапка за дистрибуција на средствата до настраданото население.

< врати се назад