“Безбедни школи и градинки“ ЕРАСМУС+
Во организација на Австриски Црвен крст во периодот од 28.11. до 1.12.2018 година во Австрија – Виена се одржа работен состанок во рамките на проектот “Безбедни школи и градинки“ финансиски подржан од ЕРАСМУС+ програмата, а како претставник од Црвен крст на Република Македонија присуствуваше координаторот за подготвеност и дејствување во случај на катастрофи, Али Самет.
Целта на работниот состанок беше размена на практики и искуствата на НД од регионот со акцент на задачите кои треба одделно секое национално друштво (НД) да ги имплементира во рамките на проектните активности.
Во првиот дел од работниот состанок, претставниците на Австриски Црвен крст како носители на проектот ги презентираа, главните цели, подцели, очекувани резултати како и задачите кои треба да ги имплементира секое НД .
Проектот се однесува на климатските промени, честите екстремни ситуации како поплави, суши, како и студени и топлотни бранови кои може да се очекуваат во иднина. Исто така, проектот се однесува на образовните институции ( градинки и основни училишта ) кои имаат законски обврски за имплементирање на активности за намалување на ризици од катастрофи, подготвеност за во случај на катастрофи и др. кои не се имплементираат во целост. Дел од очекуваните резултати на проектот се: Воспоставување на онлајн платформа за прва помош и намалување на ризици од катастрофи како и психосоцијална поддршка во итни ситуации, онлајн обуки за персонал, подготовка на препораки за подобрување на законската легислатива итн.
Активностите на НД кои учествуваат во проектот се: Црвен крст на Република Македонија: Застапување со цел институционален пристап во имплементација на активностите за намалување на ризици од катастрофи и прва помош во наставната програма на основните училишта и градинки, Австриски Црвен крст: Подготовка на онлајн платформа за намалување на ризици од катастрофи со процес за сертификација на основни училишта и градинки, Хрватски Црвен крст: Развивање на каталог на ресурси (материјали, алатки итн) за намалување на ризици од катастрофи и прва помош и креација на нови модули за едукација за планираната платформа, Црвен крст Србија: Подготовка и спроведување на онлајн и тренинг лице в лице за наставен персонал и промотери за намалување на ризици од катастрофи наменета за градинки и основни училишта, Бугарски Црвен крст: Подготовка и спроведување на онлајн и тренинг лице в лице за наставен персонал и промотери за психосоцијална поддршка во итни ситуации наменета за градинки и основни училишта.
Во вториот дел од работниот состанок, претставниците на НД ги презентираа предлог активностите кои треба да се реализираат во текот на проектот со цел размена на искуства, мислења и структурирање на активностите одделно по наведените тематски области во заедничка целина наменета за сите НД.
На крајот на работниот состанок се работеше на подготовка на заедничката временска рамка на активностите за секое НД на Црвен крст како и презентација од страна на претставник на Австриски Црвен крст за финансиското известување на проектот.