јуни 30, 2015

Билатерална посета на делегација на Црвен крст на Македонија во Софија, Република Бугарија, 17-19 Јуни 2015

ckrm_bugarija

Во период од 17-19 јуни, 2015 година делегација на Црвениот крст на Република Македонија во состав: Милчо Трајков претседател, Саит Саити генерален секретар и Димитар Каракулев член на извршен одбор на ЦКРМ оствари работна билатерална посета на Бугарскиот Црвен крст во Софија, Бугарија. За време на престојот остварени се средби во централата на Бугарскиот Црвен крст со претседателот на националното друштво, г.дин Христо Григоров и генералниот секретар, проф. Красимир Гигов. Во разговорите беше дискутирана билатералната соработка на двете национални друштва во изминатиот период со акцент на претстојни заеднички иницијативи и активности кои треба да се актуелизираат и преземат во блиска иднина.

Посебна благодарност беше искажана за обезбедената поддршка на Бугарскиот Црвен крст за нашето национално друштво во сферата на подобрување на капацитетите на човечките ресурси на нашата организација за безбедност на вода. Проектната соработка во оваа област која започна во 2014 година се очекува дека ќе продолжи во следната година преку имплементација на нови содржини за подобрување на капацитетите на двете служби за безбедност на вода. Нашето национално друштво е покането да земе учество на претстојниот меѓународен турнир “Млад Спасител” за спасување на вода кој ќе се организира во Варна, Бугарија во перодот од 28-30.08.2015 год.

Во разговорите исто така стана збор околу тековните предизвици на двете национални друштва за справување околу прашањето на миграциите и ефективно справување со последниот бран на мигранти од Блискиот Исток и Африка. Беше истакнато дека постои потреба од континуирана размена на информации и податоци за навремено излегување во пресрет на потребите на оваа целна група и ефективно обезбедување поддршка на властите во државата. Исто така беше искажана подготвеност од страна на Бугарскиот Црвен крст повторно да земе учество на тркалезната маса за миграции и воспоставување семејни врски која наесен ќе се организира во Македонија на која ќе бидат презентирани информации и препораки во однос на координација на активности за справување со миграцискиот бран кој последниве години го зафаќа Европскиот континент.

Претставниците на двете национални друштва дискутираа и заклучија дека е потребно воспоставување поблиска соработка помеѓу двете управни и раководни структури. Во таа насока беше заклучено одржување на заедничка сесија на извршните одбори на двете национални друштва која би се организирала во Софија, Бугарија во периодот од 10 до 13 септември. Исто така договорена е и заедничка средба на стручните служби која би се одржала во Македонија во период кој дополнително ќе биде определен.

< врати се назад