Копче
„Копче“ е социјално претпријатие кое функционира од 2018 година и е место каде секој може да донира, да купи облека од втора рака или пак истата да ја добие бесплатно.
„Копче“ е развиенo и функционира во рамки на Црвен крст на Република Северна Македонија – Црвен крст на град Скопје како резултат на долгогодишно работење во областа на донирањето на облека и дистрибуција на истата до најзагрозените.
Со отварањето на „Копче“ овозможуваме поефикасен систем на дистрибуција на облеката до лицата во ризик, лесен пристап до облека со ниски цени за лицата со ниски примања кои не бараат помош, вработување на ранливи целни групи, придонес во зачувување на еко средината.
Со работењето на „Копче“ поттикнуваме еден модел на одржливо живеење, поттикнуваме да се донира и купува облека која е веќе создадена и која може да се користи, со што влијаеме во намалување на искористувањето на природните ресурси кои се користат при производство на нова облека како и намалување на отпадот кои се создава од неупотреба на облеката.
Со работењето на „Копче“ се стремиме да ги постигнеме нашите цели:
навремено обезбедување на најсоодветна облека за лицата во ризик
олеснет пристап до облека со ниски цени за лицата со ниски примања
зајакнување на капацитетите на ранливи групи на население
ефикасно искористување на вишокот облека заради придонес во зачувување на животнат средина
создавање на навики за одговорно донирање и навики за одговорно трошење
поттикнување и создавање на работни навики кај работоспособните социјално загрозени лица
креирање на работни места кои имаат за цел да овозможат работна интеграција на ранливи групи население.
промовирање на солидарност, хуманост и волонтеризам
Каде може да се донира?
Донации може да се остават во контејнерите на Црвен крст кои се поставени на две локации на територија на град Скопје, пред зградата на Црвен крст на РСМ (бул. Кочо Рацин бр.13) и пред ДХО Даре Џамбаз (бул. 11 Октомври 42а).
Донации може да ги достават и во:
– „Копче“ од понеделник до петок од 09 до 17 и сабота од 09 до 14 часот,
– Магацин на Црвен крст на град Скопје (во момин поток) од понеделник до петок од 8 до 16 часот.
Што може да се донира?
Облека која е добро сочувана и чиста,
Обувки ( добро сочувани),
Постелнина, ќебиња, пешкири и сл.,
Играчки, ташни, украси и др. аксесоари
Важно е сето она кое се донира да биде добро спакувано во ќеса пред да се стави во контејнерот за донација!
Кој може бесплатно да подигне облека?
Преку пунктот за бесплатно делење облека, континуирано, со ваучери за облека се дистрибуира облека на лица во социјален ризик (семејства, лица сместени во згрижувачки семејства и лица сместени во институции).
Ваучери се добиваат по претходно направена процена од страна на стручни лица во Црвен крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст.
Рециклирање и реупотреба на облека
Од донираната облека која не може директно да се искористи, се изработуваат производи во пачворк техника кои потоа се донираат или продаваат во продавницата за половна облека. Најчесто се изработуваат постелнини наменети за институции или празнични декорации за домот.
Работна интеграција и волонтирање
Сите лица кои доаѓаат кај нас да бараат облека, а се работоспособни се стремиме да ги поддржуваме во поттикнување и создавање на работни навики со цел да се вработат и самите да можат да си ја купат облеката. Тоа подразбира придонес кон зајакнување на капацитетите на ранливи групи на население и креирање на работни места кои имаат за цел да овозможат работна интеграција на ранливи групи население. И секако помеѓу сите овие цели се испреплетуваат и солидарноста, хуманост и волонтеризам кои ќе ги промовираме како највисоки човечки вредности.
Локација: Црвен Крст на Северна Македонија – бул. Кочо Рацин бр. 13, 1000 Скопје
Работно време : понеделник-петок 09:00 до 17:00 часот, сабота 09:00 до 14:00 часот
Kонтакт тел : 070 414 759
Е-пошта: skopje.kopce@redcross.org.mk
Fb: Копче/Kopche
Инстаграм: @kopce.skopje