Дисеминација на Движењето, Меѓународно хуманитарно право и активности на Црвен крст на Република Македонија, во касарната *Чеде Филиповски-Даме*–Кичево
На 26 мај 2017 година во касарната* Чеде Филиповски-Даме* во Кичево претставник на Црвен крст на Република Македонија одржа предавања со презентација за дисеминација на Движењето, Меѓународно хуманитарно право и активности на Црвен крст на Република Македонија, дисеминација и подготвеност и дејствување при катастрофи. Целна група на слушатели беа униформирани лица со чинови и војници кои со интерес ги следеа предавањата и изразија задоволство за соработката.
Во делот на дисеминацијата учесниците се запознаа со улогата и мандатот на Меѓународното движење на Црвен крст и Црвена полумесечина, МКЦК, МФЦКЦП и Црвен крст на Република Македонија, амблемот на Црвениот крст и Меѓународното хуманитарно право со осврт на Женевските конвенции и Дополнителните протоколи.
За активностите на планот на подготвеност и дејствување при катастрофи, посебен осврт е даден на поставеноста и делувањето на овој систем во Црвен крст на РМ во домашни и меѓународни рамки, соработката со надлежните институции во РМ, посебно Министерството за одбрана, МВР, ЦУК, ДСЗ, Локалната самоуправа и вклученоста на претставници на ЦКРМ во координативни тела формирани за време на природни катастрофи и непогоди и активноста на тимовите на ЦКРМ. За најновите случувања со поплавите кои ја погодија минатата година делови од Република Македонија, мигрантската и бегалска криза е потенцирана заедничката соработка со надлежните институции и активностите што ЦКРМ ги презема во рамки на својата улога – дистрибуција на хуманитарна помош, укажување на прва помош, логистичка поддршка, проценка на терен, воспоставување семејни врски и едукативни активности.
На учесниците им беа прикажани два кратки видео спотови поврзани со мигрантската криза во Република Македонија, а за потреби на библиотечниот фонд во касарните, се поделени промотивни и едукативни документи поврзани со презентираните активности.
Предавањето е резултат на претходно договорени термини со Генералштабот на АРМ, а се во рамки на Меморандумот за соработка склучен помеѓу Црвен крст на Република Македонија и Министерството за одбрана на РМ.
Присутните беа информирани дека денес Црвен крст на Република Македонија и Армијата на Република Македонија спроведуваат симулациска вежба по повод 25 години АРМ, чија цел е да се прикаже заедничката подготвеност, како и брзиот, навремен и адекватен одговор при различни катастрофи и кризни состојби со живото спасувачка улога.