септември 13, 2018

Дисеминациски сесии за Армијата на Република Македонија во месец септември 2018 година

Согласно со потпишаниот договор за соработка на Црвениот крст на Република Македонија со Министерството за Одбрана на Република Македонија и Армијата на Република Македонија, Црвениот крст на Република Македонија продолжи да одржува дисеминациски сесии за офицерите на АРМ за промовирање на работата на Движењето на Црвен крст и Црвена полумесечина, националното друштво, почитување на Меѓународното Хуманитарно Право и улогата и можностите за соработка помеѓу Црвениот крст и АРМ во мирновременски услови или при вонредни состојби.

Дисеминациските сесии пред офицерите на АРМ опфаќаат повеќе поглавја од работата на Движењето и МХП, како на пример краток осврт на историјата на Движењето, основните принципи, амблемите на Движењето и нивната показна и заштитна улога, Женевските Конвенции од 1949 година и Дополнителните Протоколи кон Женевските Конвенции од 1977 и 2005 година, програмските области на дејствување на Црвениот крст на Република Македонија како и искуствата на Црвениот крст на Република Македонија од активностите за време на катастрофите и вонредните состојби во Република Македонија и соседството во последната деценија.

Посебен акцент на дисеминациските сесии се става на подобро запознавање на  припадниците на АРМ со местото и улогата на Црвениот крст на Република Македонија при вонредни состојби како и тековните програми и проекти на националното друштво. Дисеминациските сесии се пропратени и со видео содржина „Правила на војување“ кое ги истакнува основните елементи на Меѓународното хуманитарно право и улогата на Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина за време на вооружени судири.

Во првата половина од месец септември 2018 година одржани се вкупно две дисеминациски сесии од централната канцеларија на ЦКРМ и тоа на 11.09.2018 година во касарната “Кузман Јосифовски”- Питу во Тетово на која присуствуваа вкупно 70 офицери и војници на АРМ и на 12.09.2018  година во одржана е дисеминациска сесија во касарната “Боро Менков” во Куманово на која присуствуваа вкупно триесетина офицери и војници на АРМ.

< врати се назад