февруари 3, 2015

ЈУБИЛЕЈ – 70 ГОДИНИ ЦРВЕН КРСТ НА РМ – ПОЧЕТОК И ЧЕКОРИ КОН РАЗВОЈОТ

 Ако времето е сведок на случувањата, тогаш децениските интензивни програмски активности на Црвениот крст на Република Македонија се доказ за искажаната силна доверба во принципите и целите на длабоко хуманата мисија на меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Не можеме да говориме за успешна реализација на активности, а да не го спомнеме програмскиот патоказ и несебична вклученост и помош на институциите и органите во Република Македонија како и на Меѓународниот комитет на Црвен крст и Меѓународната федерација на националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина. Една од особено драгоцените придобивки во равојот се големите ентузијасти – членови и волонтери кои верувааат во длабоко сензибилната хумана мисија на Црвениот крст, кои не штедејќи го своето време, користејќи ги своите капацитети, спроведуваат активности за поддршка на населението и граѓаните во Република Македонија со промовирање на основните принципи: хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволност, единство и универзалност. Воспоставената соработка со локалните и националните медиуми во Република Македонија и новинарскиот ентузијазам, свест и разбирање за длабоко хуманите аспекти на Црвениот крст придонесоа за подигање на свеста на јавноста за работата на Црвениот крст во земјата. Црвен крст во Република Македонија официјално е формиран веднаш по вителот на Втората светска војна во далечната 1945 година, во време кога човечкиот живот и човечкото достоинство излегоа од големи трауми. Како што повоената обнова на државата отстапуваше простор на економскиот развој, така и Црвениот крст својата задача ја наоѓаше во помош на граѓаните кои беа во неволја и имаа потреба од подадена рака. Во помагањето на заедниците зафатени од природни катастрофи,  честопати првата помош доаѓаше токму под амблемот на Црвениот крст. Црвениот крст на Македонија е формиран на 17 март 1945 година кога се одржало и Основачко собрание. Се осамостои во 1992 година по осамостојувањето на Република Македонија. Во 1993 година Владата на Република Македонија ги прифати Женевските конвенции од 12 август 1949 година и Дополнителните протоколи од 1977 година, а на 26 јули 1994 година Собранието го изгласа Законот за Црвениот крст на Република Македонија. Со исполнување на условите за признавање и членство во Меѓународното движење, Црвениот крст на Република Македонија е признат од Меѓународниот комитет на Црвениот крст како посебно национално друштво  и примен како 169-та членка на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина на Генералното собрание во Женева на 27 ноември 1995 година. Долгиот пат на развој е проткаен со донесување на значајни одлуки, заклучоци, програми, стратегии, политики и реализација на  проекти  преку редовни и вонредни  активности со постојано докажување пред домашната и меѓународна јавност за она што денес претставува Организацијата на Црвениот крст исправена гордо пред своите волонтери. Тука е и соработката со корпоративниот сектор и донатори за споделување на ресурси и поддршка на одредени активности  а јавното промовирање на донаторите и спонзорите бара и јавна отчетност за нашата работа. Работењето се одвива координирано со другите кои се залагаат кон утврдени стандарди и добри практики преку: практично промовирање на основните принципи на Движењето и хуманите вредности и принципите на Меѓународното хуманитарно право, во насока на убедување на јавноста и власта за хуманитарната мисија; подигнување на свеста и знаењето за хуманитарната надлежност особено кон потребите на ранливите групи; развивање на  методологија за хуманитарната дипломатија во насока на ефикасно партнерство, дијалог и доверба; иницирање на акциони чекори за прилагодување на домицилната правна регулатива за потребите на Црвениот крст; хармонизација на националното законодавство со меѓународното хуманитарно право. Заради остварување на подолгорочните стратешки цели и современи потреби, како  и потврдување на сопствениот субјективитет  внатре во државата и на меѓународно ниво, во Црвениот крст на РМ  постојано се преземаат интензивни оперативни структурални и формално правни активности. Брендот или заштитниот знак – Црвен крст на Република Македонија (ЦКРМ) го означува коренот на хуманоста и вредносниот систем за помош на оние на кои им е најпотребна, ја дава историската и функционалната врска со Меѓународното движење на Црвен крст и Црвена полумесечина, го истакнува јавниот легитимитет и кредибилитет, ја обезбедува комуникацијата со јавноста и особено ранливата јавност и врши заштита на дигнитетот при активностите во рамки на прокламираната хумана мисија и визија. Најважната награда што ја добива оваа организација е секојдневната благодарност на илјадници луѓе кои ја добиваат потребната помош преку Црвениот крст. Одбележувањето на овие јубилејни настани достојни за почит е поттик и предизвик на Организацијата за понатамошни развојни чекори.

< врати се назад