Меѓународен ден на бегалците
За разлика од тензичното 2015 и 2016 на граничните премини и во транзитните центри, годинешниот Меѓународен ден на бегалците, 20-ти Јуни, Македонија го одбележува во многу порелаксирана атмосфера во поглед на бегалците, длабоко потоната во внатрешно-политичката криза.
Во текот на изминатата година, бројот на бегалци и раселени лица во светот, кои избегале од конфликти и репресии, достигна рекорден број од 68.5 милиони лица. Според статистиките 3.1 милион лица се потенцијални азиланти, 40 милиони се внатрешно раселени лица и 25.4 милион се бегалци.
Изминатите години, бегалците беа и се дел и од македонското секојдневие каде Црвениот крст на РМ ја имаше главната улога. На граничните премини во Гевгелија и на Табановце, секојдневно поминуваа илјадници бегалци, термин со кој се дефинираат оние кои бегаат од воените подрачја Сирија, Ирак и Авганистан како и економски мигранти од блискиот исток и Африка.
Црвен крст на Рeпублика Македонија во партнерство со Високиот комесаријат за бегалци (УНХЦР) и Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина, како и во соработка со домашните поддржувачи и компании, активно е вклучен во поддршката на бегалците кои транзитираат низ нашата земја или престојуваат како илегални мигранти.
Црвен крст на Рeпублика Македонија и понатаму асистира 24 часа на терен со мобилните тимови во Прифатните пунктови за помош на мигранти/бегалци – Табановце (Куманово) и Винојуг (Гевгелија) и Мобилен тим – Лојане. Мобилните тимовите се составени од вработени, лекари и пaрамедици ,членови, волонтери на Црвениот крст, кои се обучени за работа во Службата за барање на изчезнати лица при Црвениот крст.