мај 11, 2017

Можности и предизвици за вработување на социјално ранливи лица

Почитуван Министре,  почитуван г-дин Петров,

Почитувани присутни,

 

Дозволете ми да го поздравам  Вашето присуство на денешниот настан организиран од Црвениот крст на Република Македонија во партнерство со Занаетчиската комора на град Скопје поврзано со проектот „Превземи акција за подобра конкурентност на пазарот на труд“, финансиран од Европската Унија. Целите на овој проект се компатабилни со целите на националната стратегија за вработување и стратегијата за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во Република Македонија и е потврда за развој на социјални програми за поддршка на ранливи целни групи во насока на подобрување на нивната конкурентност на пазарот на трудот.

Овој проект претставува уште една дополнителна можност за Црвениот крст на Република Македонија да го свртиме вниманието на јавноста кон активности кои придонесуваат за исполнување на мисијата за помош и поддршка на ранливите групи на граѓани во нашата држава. Преку овој проект Црвениот крст на Република Македонија заедно со партнертите, на 40 лица во социјален ризик и долгорочно невработени ќе им овозможи да се подготват за да се вклучат во социјалниот и економскиот живот создавајќи приходи за себе и за своите семејства, што ќе придонесе за намалување на ранливоста и социјалната исклученост.

Од големо значење е тоа што овој проект обезбедува и психо – социјална поддршка на корисниците со цел зајакнување на  капацитетите за личен раст и развој, но и поддршка на нивните семејства,  прилагодени на нивните потреби, користејќи ги сите расположливи ресурси во заедницата, во насока на силна поддршка за активна вклученост на корисниците во проектниот процес.

Со цел да се актуелизира прашањето за унапредување на можностите за вработување, Црвениот крст и Занаетчиската комора на Скопје ги организираат овие тркалезни маси со сите релевантни чинители во срдините каде што се имплементира проектот за да се придонесе во намалување на невработеноста на лицата во социјален ризик.

Македонија се соочува со висока стапка на невработеност и според статистичките податоци од вкупниот број на невработени лица најзастапени се лицата со пониско образовно ниво и без квалификации. Во Македонија според официјални податоци, стапката на сиромаштијата кај невработените е висока, односно од сите евидентирани сиромашни лица процентот на невработени е висок. Ова ја потврдува врската и влијанието на невработеноста и сиромаштијата со што решението на едниот проблем влијае во голема мерка на решавање и на другиот. Долгорочно невработените лица се изолирани и исклучени од социјалниот и работниот живот, поради што со проектот особено се дава придонес за нивна вклучесност.

Имајќи го во предвид сето ова, а во обид Црвениот крст на Република Македонија да покаже дополнително разбирање и амбиција за решавање на овие проблеми остварува плодна соработка со локалните самоуправи, владините институции, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата во имплементација на програми за социјална вклученост на ранливи целни групи во заедниците. Овој проект претставува можност за зацврстување на партнерската соработка, воедно потикнувајќи активен придонес на секој релевантен чинител во локалните заедници во правец на создавање на услови за вработување за секого.

Особено е значајно партнерството со Занаетчиската комора на град Скопје која има искуство во спроведување на обуки за изучување на занаетчиството. Тоа е  предуслов лицата во социјален ризик  да се стекнат со одредени вештини со кои ќе бидат поконкурентни на пазарот на трудот и ќе имаат поголеми можности за вработување. Воедно, очекуваме и зголемена свесност кај работодавачите и нивна спремност да предложат можности за вработување на лицата во социјален ризик.

Од исклучително значење претставува поддршката која ја обезбедува Европската Унија за граѓанскиот сектор во РМ за имплементација на проекти кои придонесуваат да се остварат видливи резултати и да се влијае во  зголемување на социјалната вклученост на ранливи целни групи на население во РМ.

Ја користам оваа пригода да упатам голема благодарност до  Министерството  за труд и социјална политика, Министерството за финансии и Делегацијата на Европската Унија во РМ за плодната соработка и поддршка во спроведување на проектните активности.

На крај дозволете ми да Ви посакам успешна и плодна работа. Се надевам денешнава тркалезна маса ќе продуцира одредени предлози и заклучоци  кои ќе придонесат за унапредување на условите и можностите за вработување на овие категории со што ќе се ублажи невработеноста на лицата во социјален ризик.

< врати се назад