Надградба на капацитетите на Службата за барање
Црвениот крст на Република Македонија уште од почетокот на мигрантската криза активно е вклучен во реализацијата на активностите за Воспоставување на семејни врски, за што и во двата Транзитни центри, *Винојуг* и *Табановце* во септември 2015 година започнаа да делуваат мобилни тимови кои ги следат состојбите и потребите на мигрантите од повторно воспоставување на прекинати семејни врски. Во соработка со Меѓународниот Комитет на Црвен крст и националните друштва на Црвен крст, особено националните друштва на Балканската рута, но и тие кои се крајна дестинација на мигрантите, во изминатиов едногодишен период постигнати се значајни резулатати во делот на надградба на капацитетите на Службата за барање на Црвениот крст на РМ, но и во делот на нудење на услугите на оваа служба и нивна практична реализација во многубројните случаи на прекинати семејни врски.
Заради продолжување на континуитетот на надградба на капацитетите на Службата за барање на Црвениот крст на РМ, на покана на Германскиот Црвен крст, претставник на Црвениот крст на РМ на 07.10.2016 година учествуваше на еднодневна обука за *Потполнување на формулар за лични податоци на лица за кои се претпоставува дека се мртви*. Германскиот Црвен крст оваа обука ја организираше во Соработка со Канцеларијата на Меѓународниот Комитет на Црвен крст во Париз, а потребата од организирање на обуката произлезе од се позачестените случаи на барања на лица кои подолг период не стапиле во контакт со своите најблиски и за истите се претпоставува дека загинале на патот кон западно еврпоските држави, особено на бродските несреќи кои се случуваат на Грчкиот и Италијанскиот брег.
Присутните на обуката најнапред ги поздрави Шефот на Службата за барање на Германскиот Црвен крст, г-ѓа Dorota Dziwoki, а обуката ја реализираа г-дин Therry Schreyer, форензичар во Канцеларијата на ИЦРЦ во Париз и Дијанела Рајкиќ, психолог во Канцеларијата на ИЦРЦ во Сараево. Обуката содржеше елементи на форензичарско препознавање на жртвите и психолошкиот аспект на водење на интервју со членовите на семејството на настраданите. Информациите кои беа пренесени од страна на експертите значеа олеснување на процесот на потполнување на формуларот за лични податоци на лица за кои се претпоставува дека се мртви, на одговорните лица во националните друштва кај кои ќе биде покрената Молба за барање од страна на членови на семејството.
На обуката присуствуваа претставници на Националните друштва од Балканската рута, како и национални друштва на Црвен крст чии држави претставуваат крајна дестинација на мигрантите.