Обраќање на претседателот на Црвен крст на РСМ, проф.др. Ромел Велев по повод 17 март, Ден на формирањето на Црвениот крст на РСМ и Ден на крводарителството во РСМ
Почитувани,
Денес, кога Црвениот крст на Република Северна Македонија го одбележува својот роденден како и денот на крводарителството, неминовно е да потсетиме дека токму денес е денот кога го препознаваме неверојатниот придонес и достигнувања на нашите волонтери и вработени кои несебично ја негуваат хуманоста и посветеноста кон човекољубието. Живееме во време кога низ целиот свет, кризите се сè посложени, а хуманитарната потреба е огромна. Се повеќе и повеќе животи се уништуваат од вооружени конфликти, насилство и климатски промени, а кога ќе се појават природните катастрофи, состојбите се потешки и побројни. Комплексната нова динамика којашто е карактеристична во време на природни катастрофи и разни конфликти означува едно – дека работата на нашите волонтери и вработени во Црвениот крст е поважна од кога било.
Да се говори, токму на денешен ден, за улогата, значењето и остварените резултати на Црвениот крст во нашата држава е повеќе од нужно и целисходно. Историјата на Црвениот крст не враќа, во далечната 1945 година, кога на 17 март се поставени темелите на она што сме ние денес. Црвениот крст опстана во тешките и турбулентни времиња на политички, економски и социјални кризи притоа зголемувајќи ги своите активности и опсег на работа низ годините. По распаѓањето на Југославија во 1992 година организацијата дејствува како независно национално друштво, составен дел од Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, секогаш промовирајќи ги своите основни начела и принципи, меѓу кои важни се да се споменат инвестирањето во основните оддели помеѓу дисеминација на принципите, меѓународното хуманитарно право и културата на ненасилство, здравствена свест, обука за прва помош, социјално-хуманитарната дејност, зајакнување на заедницата и одговор на катастрофи. Исто така, ја промовира важноста на меѓународното хуманитарно право и привлекува внимание кон универзалните хуманитарни принципи: хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволна служба, единство и неутралност.
Нашата хуманост има една и единствена цел а тоа е да ги заштити животот и здравјето на граѓаните како и да обезбеди почитување на човечкот. Да промовира меѓусебно разбирање, пријателство, соработка и траен мир меѓу сите народи. Притоа да внимаваме – да не прави дискриминација во однос на националноста, расата, верските убедувања, класните или политичките мислења. Со цел да продолжиме да ја уживаме довербата на сите чинители и сите оние на кои им е потребна нашата помош и заштита, Црвениот Крст на Република Северна Македонија никогаш нема да заземе било каква страна во различните несогласувања или пак да се вклучи во кое било време во полемики од политичка, расна, верска или идеолошка природа. Нашата организација секогаш ќе биде прва во хуманитарните служби, притоа одржувајќи ја својата автономија. Нашето доброволно движење не е, и нема да биде поттикнато на било кој начин од желбата за добивка. Црвениот крст е отворен за сите и во иднина ќе ја продолжи својата хуманитарна работа на целата територија на државата и онаму кадешто треба да се помогне и прати помош во другите загрозени подрачја. Токму тоа ја карактеризира нашата универзалност, делејќи еднакви одговорности и должности помагајќи си едни на други, ширум светот, притоа потенцирајќи го својот еднаков статус.
Денес е ден и на крводарителството во Република Северна Македонија. Ден на крводарителот. Ден на најхрабрите меѓу нас. Затоа сакам да им оддадам почит на сите што даруваат крв и крвна плазма и да им изразам благодарност на луѓето што спасуваат животи на овој начин. Оваа година, додека ја продолжуваме борбата против пандемијата КОВИД-19, вашите донации се потребни повеќе од кога било. Во текот на пандемијата, ние континуирано ги повикувавме дарителите на крв да продолжат со нивната суштинска услуга за поткрепа и одржување на нашиот здравствен систем.
На крајот од ова мое обраќање сакам да ја потенцирам нуждата од хуманоста, затоа што таа е единствената наша водилка со цел идно понапорно и поактивно продолжување на нашата работа како Црвен крст. Мудроста вели, прво помолете се за вашето здравје, а потоа помолете се за човештвото. Хуманоста треба да биде нашата раса, а љубовта треба да биде нашата религија. Не можеме да очајуваме од човештвото, бидејќи ние самите сме човечки суштества. Човештвото е океан, ако неколку капки од океанот се извалкаат, не значи дека и океанот е извалкан. Денес иднината на човештвото е во наши раце.
Ви го честитам денот на Црвениот крст на Република Северна Македонија и Денот на крводарителите.
Проф. Д-р Ромел Велев
Претседател на Црвениот крст на РСМ