декември 3, 2021

Обраќање по повод 5-ти декември – Светскиот ден на волонтерството на Генералниот секретар на Црвен крст на РСМ, д-р Саит Саити

Почитувана г.ѓа Елизабета Ѓоргиевска

Почитувани претставници на медиуми

Почитувани претставници на општинските организации на Црвен крст и Црвен крст на град Скопје

Почитувани волонтери

Посебно ми е драго што ја имам честа да ви се обратам по повод одбележувањето на Светскиот Ден на Волонтерството 5-ти декември. На овој ден веќе 31 година под покровителство на Обединетите Нации насекаде во светот се одбележува придонесот на волонтерите за поддршката која ја обезбедуваат за најразлични категории на население во нивното опкружување. Волонтерството е суштински елемент на граѓанското општество. Нашите заедници зависат и се потпираат на напорите на нашите волонтери. Тие даваат сеопфатен придонес за општествениот развој.

На овој ден националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина ширум светот организираат различни активности со цел да им одадеме признание и да им искажеме благодарност на над 14 милиони волонтери во Движењето за нивната поддршка и волонтерска работа. Денешниот настан го одбележуваме под мотото “Хероите меѓу нас – Незапирливи” асоцирајќи на посебните напори на над 3.000 активни волонтери на Црвениот крст на РСМ кои делуваат понекогаш и во исклучителни околности обезбедувајќи поддршка и помош за различни целни групи погодени од итни состојби и ризици.

Во изминативе години сведоци сме дека како резултат на климатските промени и се позачестените природни катастрофи како и економските предизвици со кое се соочува модерното општество се повеќе ни е потребен придонесот на волонтерите кои со својата стручност, желба и мотивација претставуваат незаменлив сегмент од севкупните општествени напори во обезбедувањето на најразлични услуги и сервиси за многу категории на луѓе изложени на најразлични ризици.

Нашите волонтери работат со младите, обезбедуваат поддршка за постарите наши сограѓани, помагаат во надминување на последици од различни катастрофи, помагаат на мигрантите, секојдневно се на вакциналните пунктови, им помагаат на старите лица во нивните домови, го промовираат крводарителството, ја подигаат свеста на населението за здравствена заштита, држат обуки по прва помош и учествуваат во сите активности на организацијата.

Посебна благодарност до сите волонтери во Република Северна Македонија. Среќни сме што и денес волонтерите го препознаваат Црвениот крст како место кое може да им даде дополнително значење во нивниот живот, место каде ќе може да ги реализираат своите желби и знаења, организација во која ќе може да ги надградат своите компетенции, и можност да ги најдат скриените вредности кои не прават подобри луѓе.

Почитувани, како најголема волонтерска организација во државата, на овој ден цврсто се заложуваме да ги истакнеме вредностите на волонтирањето пред сите општествени структури на национално и локално ниво со цел да иницираме нормативни рамки кои ќе овозможат негување, признавање и истакнување на волонтерската работа и да обезбедиме широк спектар на волонтерски услуги, давајќи го нашиот придонес во општественото опкружување особено при кризни состојби.

Неопходно е да воспоставиме волонтерски систем преку кој секогаш ќе бидеме подготвени да се справиме со различни видови на здравствени и социјални предизвици и катастрофи, бидејќи во такви состојби волонтерите се нашиот најголем потенцијал за обезбедување комплементарна поддршка на напорите на хуманитарните организации и институциите во државата.

Дозволете ми уште еднаш од името на Црвениот крст на Република Северна Македонија, најискрено да го честитам 5-ти декември, Светскиот Ден на Волонтерството, да се заблагодарам на сите наши волонтери за нивниот придонес и остварувања, и за хуманоста која ги краси нивните дела.

Благодарам

< врати се назад