февруари 19, 2019

Oбука на врснички едукатори за превенција од трговија со луѓе

Во периодот 14-17,02,2019 година во Центарот за обука на кадри „Солферино“ во Струга, се одржа работилница за обука на врснички едукатори за превенција од трговија со луѓе во рамки на проектот „Млади во борба против трговија со луѓе“ финансиски поддржан од Агенција за млади и спорт. На работилницата учествуваа вкупно 15 претставници од ООЦК Велес, Неготино и Свети Николе, кои имаа можност да стекнат знаења и вештини за подигање на свеста кај младите за феноменот трговија со луѓе. Во текот на обуката најпрвин се стави акцент на значењето на примената на методологијата на врсничка едукација во програмите кои директно се однесуваат на здравјето и безбедноста на младите. Сесиите беа спроведени согласно прирачникот за врснички едукатори на Црвен крст на РМ кој е во согласност со „Стандарди за врсничка едукација“ на Светска Здравствена Организација и прирачник за борба против трговија со луѓе на Меѓународната федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина. Детално се разработуваа видовите на трговија со луѓе, фазите, мерките на претпазливост како и методи на превенција. Споделувани беа студии на случаи од регионот и прикажан беше филмот „Сестри“ кој детално е разработен и дискутиран за можната опасност на проблемот помеѓу младите. Исто така се спроведуваа индивидуални презентации каде се анализираа стекнатите вештини и знаења, точност на информации, контрола на време и организирање на едукативни сесии, говор на тело и техники на презентирање, евалуација на работилници и подготовка на извештаи. Целата обука беше спроведена од страна на посебно обучени двајца тренери за обука на едукатори за превенција од трговија со луѓе, Софија Стојановска и Ангела Србиновска, а дополнителни насоки за спроведување на активностите во рамките на програмите на Црвениот крст дадоа Владимир Вукелиќ – Координатор на проектот и  Љупка Петковска – стручен соработник за социјално хуманитарна дејност при Црвен крст на РМ и претставник на Црвениот крст во Секретаријатот на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција во Република Македонија.

< врати се назад