декември 6, 2013

Одбележување на Светскиот ден на волонтеризмот

Црвениот крст на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика го одбележаа Светскиот ден на волонтеризмот на 5 декември со организација на пригодна свеченост која се одржа со почеток во 11:30 часот во просториите на Музејот на македонска борба на која беа доделени награди, беше истакнат волонтерскиот активитет, и слушнат гласот на волонтерите преку волонтерски говори и изјави за своите придобивки и остварен резултати, исто така се обратија и јавни личности како позитивни примери кои го практикуваат и поддржуваат волонтерството.

volonterizam

На Светскиот ден на волонтеризмот од страна на Црвен крст на Република Македонија, беа доделени волонтерски награди за посебни достигнувања и тоа на: Клубот на млади на ООЦК Велес за докажаниот активитет за помош на различни целни групи, на ООЦК Охрид, за мобилизирање на голем број на волонтери, Волонтерите од Клубот на стари лица на ООЦК Крива Паланка за својата проактивност и одржливост на клубот, како и на Љупчо Милковски и Ѕвонко Секуловски за посебни заслуги во остварување на целите и задачите на националното друштво и за својот повеќе од триесет годишен активитет како волонтери. Како континуитет на активностите на програмата „Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности” беше доделен и ОСКАР за најдобро изработен филм од страна на волонтерите во рамките на „Неделата на промоција на хумани вредности” преку кој се промовира значењето на волонтерскиот активитет, меѓуетничката соработка и култура на дијалог. За време на настанот, волонтерите доделија чек од 165 000  денари, на Казнено попраравна установа – затвор Охрид, од собрани парични средства од страна на волонтерите во рамките на „Неделата на промоција на хумани вредности”.

На настанот свое обраќање имаше претседателот на Црвениот крст на РМ г-дин Милчо Трајков кој истакна дека не постои повисока вредност од давање сопствено знаење, вештини, време или ресурси за некој кој има потреба од помош. Ова претставува фундаменталниот принцип на волонтерството. Волонтерството е во срцето на заедницата и промовира доверба, ги охрабрува луѓето да бидат подобри граѓани, и им овозможува поврзување со заедницата при што учат за своите обврски како граѓани. Според последните податоци бројот на активни волонтери на Црвениот крст изнесува 7.199 волонтери.

Министерството за труд и социјална политика во склоп на овој настан по втор пат ги додели националните награди за волонтерство. Ален Осман е волонтер на годината, за организатор на волонтерската работа е наградена Општината Велес, од медиумите наградена е ТВ Сител, а наградата за волонтерска практика ја доби младинската асоцијација ИМК – Битола.

Министерот за труд и социјална политика г-дин Диме Спасов во рамките на своето обраќање истакна дека волонтерите создаваат бесценета вредност бидејќи поседуваат знаење и вештини корисни за заедницата. Секој волонтер го краси квалитет збогатен со хуманата димензија на добрата волја и алтруизмот, додека државите тежнеат кон развивање на волонтерството.

Целта на наградите и на оваа свеченост е да го промовира волонтерството кај пошироката јавност, да се зголеми видливоста на волонтерите и позитивните  волонтерски практики и да инспирира кон натамошно унапредување и развој на волонтерството.

< врати се назад