јуни 6, 2016

Одржан Национален состанок на мрежата на граѓански организации за социјална инклузија на старите лица

Untitled-7

Проектот е финансиран од Европската Унија

 

Црвениот крст на Република Македонија и Хуманост во рамките на Регионалниот проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица“, финансиран од Европската Унија, од 1 до 3 јуни 2016 година во центарот „Солферино“ во Струга одржаа Национален состанок на мрежата на граѓански организации за социјална инклузија на старите лица. Целта на националниот состанокот беше да се подготви тригодишен стратешки план за работа на мрежата.

Националниот состанок го отворија Генералниот секретар на Црвениот крст на РМ д-р Саит Саити и Мери Т. Павловска заменик претседателот на здружението Хуманост, кои го истакнаа значењето од формирање на мрежата која ќе придонесе да се подигне свеста во општеството за улогата што треба да ја имаат старите лица и нивната вклученост во донесувањето одлуки поврзани со нивното живеење. Исто така беше истакнато  задоволството од интересот на граѓанските организации за членство во мрежата за социјална инклузија на старите лица во Македонија.

На состанокот  учествуваа претставници на Црвениот крст на РМ, Хуманост, Сојуз на здружение на пензионери на РМ, Универзитет трето доба, Здружение на болни од алцхајмерова болест, Здружението Јустиција, Здружение за развој на ромската заедница Сумнал, Организација на жени на Општина Пехчево и Локална агенција за развој од Струга, вкупно девет организации кои ја претставуваат мрежата.

Со своето присуство активен придонес во подготовка на стратешкиот работен план дадоа и претставници на Министерството за труд и социјална политика, Заводот за социјални дејности, Градот Скопје, Институтот за јавно здравје, Институтот за социјална работа и социјална политика и UNFPA.

На Националниот состанокот од страна на проф. Сунчица Димитријоска беше презентиран извештајот од направената анализа на ситуацијата во Македонија на стратешки документи, политики кои го третираат прашањето за стареење на населението во Македонија, како и капацитетите на граѓанските организации во земјата за застапување, врз основа на кој беа дефинирани стратешки приоритети и цели за стратешкиот план за работа на мрежата во наредниот тригодишен период.

На состанокот од страна на граѓанските организации беше потпишана и одлуката за формирање на неформална мрежа на граѓанските организации за социјална инклузија на старите лица, со која и официјално е назначено започнувањето на дејствувањето на мрежата.

HRI_3427

< врати се назад