Одржана работилница за психолошка прва помош и психосоцијална поддршка
Во периодот 22-24,03,2019 година во Центарот за обука на кадри „Солферино“ во Струга, се одржа работилница за споделување на резултати и развивање на понатамошен концепт за зајакнување на капацитетите на Националното друштво во рамките на проектот „Психолошка прва помош и психо социјална поддршка во итни ситуации“ финансиски поддржан од Европската унија преку Австриски Црвен крст. На работилницата учествуваа вкупно 29 претставници од Централната канцеларија на Црвен крст на РМ, Црвен крст на град Скопје, ООЦК Велес, Битола, Охрид и Крива Паланка, кои имаа можност да споделат искуства за активности за психолошка прва помош и психо социјална поддршка како и да се информираат за резултатите од проектот.
Во текот на работилницата најпрвин беа презентирани досегашните постигнувања во рамките на проектот од почетоците на имплементацијата во 2017 година. Потоа беа презентирани содржини за психолошка прва помош и психо социјална поддршка за корисници, за вработени и волонтери на Црвениот крст, и менаџмент со спонтани волонтери. По презентирањето на алатките се одржа поширока дискусија предводена од Генералниот секретар на Црвен крст на РМ, д-р Саит Саити по што се донесоа заклучоци за понатамошен развој на програмските активности на Националното друштво во делот на психолошката прва помош и психо социјалната поддршка.