Отпорност на постарите лица во светот што се менува
Црвениот крст на Република Северна Македонија се вклучува во одбележување на 1 октомври – Меѓународен ден на старите лица, кoj е назначен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации на 14 декември 1990 година, за да се охрабруваат земјите да привлечат внимание и да ги оспорат негативните стереотипи и заблуди за постарите лица и стареењето и да им овозможат на постарите лица да го реализираат својот потенцијал.
Темата на глобално ниво определена од страна на ОН за одбележување на Меѓунардониот ден на старите лица за 2022 година е „Отпорност на постарите лица во светот што се менува“ и има за цел:
- Да се истакне отпорноста на постарите жени наспроти еколошките, социјалните, економските и доживотните нееднаквости
- Да се подигне свеста за важноста на подобрено собирање податоци ширум светот, поделени по возраст и пол
- Да се повикаат земјите-членки, ентитетите на ОН, UN Women и граѓанското општество да ги вклучат постарите жени во центарот на сите политики, обезбедувајќи родова еднаквост
Овие глобални цели се дел од политиките на нашата држава кои се усогласени и со Мадридскиот меѓународен акционен план за стареење. Црвениот крст на РСМ активно се вклучува и дава придонес во севкупните напори кои ги преземаат надлежните институции во остварување на правата, неопходната грижа и заштита на старите лица во земјата.
По повод одбележување на Меѓународниот ден на старите лица, Црвениот крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст ќе организираат активности поврзани со годинашната тема – истакнувајќи ја притоа улогата на постарите жени во надминувањето на одредени предизвици и придонес за нивни решенија. Едукативни работилници за правата на старите лица, информативни работилници за прашања од интерес на старите лица, креативни работилници за активна вклученост на постарите граѓани, се само дел од активностите кои ќе бидат спроведени по повод денот.