ПРЕЗЕМИ АКЦИЈА ЗА ПОДОБРА КОНКУРЕНТНОСТ НА ПАЗАРОТ НА ТРУД
Црвениот крст на РМ, Црвениот крст на град Скопје и Занаетчиската комора на град Скопје во рамки на проектот „Преземи акција за подобра конкурентност на пазарот на трудот” ја реализира фазата на идентификација и селекција на 40 лица кои се во социјален ризик и се долгорочно невработени на подрачјето на три општини: Гази Баба, Ѓорче Петров и Кисела Вода. Два тима од социјални работници и еден психолог работат на терен со потенцијалните кандидати и нивните семејства преку средби во нивните домови. Целта на средбите со потенцијалните кандидати е нивно запознавање со целиот тек на проектот како и можноста за изучување на занает и долгорочна промена на нивната моментална состојба преку нивно вклучување во истиот. Работата на тимовите вклучува разговор со кандидатите како и пополнување на два прашалници од кои еден се однесува на социјалниот аспект , додека пак со другиот прашалник се мери спремноста за промена и нивниот мотив.
Во оваа фаза е остварена соработка со подрачните служби од Центарот за социјална работа, општините и невладиниот сектор кои дадоа свој придонес. Досега се остварени контакти со 190 лица од кои ќе бидат избрани потребните 40 лица. Очекувањата во однос на заинтересираноста на потенцијалните кандидати за нивно вклучување во проектот, се исполнети.
Овој проект се реализира во партнерство со Занаетчиска комора на град Скопје и е финансиран од Европска Унија, во рамки на Оперативната програма за развој на човечките ресурси 2007-2013 (ИПА компонента 4).