октомври 25, 2016

ПРОДЛАБОЧУВАЊЕ НА РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОТКА НА ПЛАНОТ НА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНИ ВРСКИ

Веќе три години по ред Црвениот крст на РМ е домаќин на ваков настан, кој оваа година го насловивме како Регионален состанок на тема *Мигрантската криза – нов предизвик за продлабочување на регионалната соработка на планот на воспоставување на семејни врски*. Иницијативата и оваа година прозлезе од и понатаму изразената потреба на заедничка маса да се проговори за активностите кои Црвениот крст на РМ во соработка со Меѓународниот комитет на Црвен крст ги реализира на планот на воспоставување на семејни врски со мигрантите кои сеуште се присутни во Република Македонија, но и во сите држави во регионот. Секако целта на состанокот не беше да се навраќаме на изминатите година и половина, кога имавме моменти на вистинска мигрантска криза и на бројка од околу еден милион мигранти кои поминаа низ таканаречената Балканска рута, туку да се сконцентрираме  на оваа година во која официјално Балканската рута беше затворена, но проблемот со мигрантите кои останаа во нашата држава и понатаму претставува голем предизвик за нашето национално друштво.

Спецификата на работа во делот на воспоставување на семејни врски, доколку целиме кон успешност, во голема мера зависи од взаемната соработка на Службите за барање во Националните друштва со сите останати субјекти кои се вклучени во целокупната операција за помош на мигрантите. Црвениот крст на Република Македонија заради резултатите кои на овој план ги постигна во изминатиот период, беше препознаен како партнер од страна на организацијата * Save the children *, кои оваа година финансираат дел од активностите на Службата за барање, меѓу кои и овој Регионален состанок на кој присуствуваа претставници на Меѓународниот Комитет на Црвен крст, Црвениот крст на Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора и Бугарија, како и претставници на сите партнерски институции и организации кои заедно со Црвениот крст делуваат на терен, како што се Министерството за труд и социјална политика, ЦУК, Министерството за внатрешни работи, УНХЦР, УНИЦЕФ, Save the children, СОС, Ластрада, ИОМ, Легис и НУН.

Покрај можноста за размена на искуства во регионот кои се однесуваат на активностите со мигрантите за воспоставување на семејни врски, на состанокот најголем дел се посвети на дискусија за изнаоѓање на начини за взаемна соработка на Црвениот крст како водечка агенција за реализација на активностите на овој план со останатите субјекти кои се присутни на терен.

Од страна на генералниот секретар на Црвениот крст на РМ, д-р Саит Саити во поздравното обраќање до присутните беше истакнато значењето на оваа дејност на Црвениот крст на РМ, а особено подготвеноста на организацијата *Save the children* да помогнат во реализацијата на овие длабоко хуманитарни активности кои нашето национално друштво ги реализира во соработка и постојана поддршка на Меѓународниот комитет на Црвен крст.

< врати се назад