Промоција на постигнатите резултати од кампањата
Црвениот крст на РСМ на 19 јуни 2023 година во Спомен куќата Мајка Тереза – Скопје, организираше настан со цел промоција на постигнатите резултати од кампањата. На настанот присуствуваа генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ д-р Саит Саити, министерот за образование и наука д-р Јетон Шаќири, заменик министерот за здравство Др. Маја Манолева, и градоначалникот на Град Скопје г-ѓа Данела Арсовска.
Црвениот крст на Република Северна Македонија со својот авторитет и долгогодишно работење на планот на унапредување и развој на првата помош, придонесува во обезбедување на ефикасни и квалитетни услуги по прва помош. Во периодот од месец мај 2022 година – март 2023 година спроведе кампања по прва помош под мотото Првата помош спасува живот наменета за ученици од основни и средни училишта на возраст од 12-18 години на територија на Република Северна Македонија. Главна цел на кампањата беше да се подигне свеста кај младата популација за значењето на првата помош како животоспасувачка вештина. Во рамки на кампањата општинските организации на Црвениот крст на РСМ спроведоа 736 обуки по прва помош и едуцираа вкупно 28 206 ученици од основните и средните училишта во државата кои стекнаa основни знаења и вештини за укажување на прва помош. Обуките беа спроведени од страна на 242 предавачи и 195 демонстратори по прва помош според програма прилагодена за деца од училишна возраст.
На самиот настан се потпише и меморандум за соработка со Министерството за образование и наука и во знак на благодарност за досегашната соработка им беа доделени благодарници на Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, министерот за образование и наука д-р Јетон Шаќири и на градоначалникот на Град Скопје г-ѓа Данела Арсовска. Исто така беше посетен и градскиот натпревар по прва помош.